Новите домови во Токио ќе мора да имаат соларни панели

Властите во Токио донесоа одлука според која од април 2025 година, новите згради и куќи мора да имаат инсталирани соларни панели. Мерката пред се се однесува на 50 големи компании кои се главни градители на домови во оваа метропола.

Локалните власти на главниот град на Јапонија ја образложија одлуката, прва од ваков вид во Јапонија, а веројатно и во светот, со намера да се намалат емисиите на гасови со ефектот на стаклена градина.

Патем, Јапонија е петти најголем емитер на ЦО2 во светот и се обврза до 2050 година тие емисии да бидат нето неутрални, односно до таа година да постигне климатска неутралност. А Токио си постави цел да ги преполови емисиите до 2030 година во споредба со 2000 година.

Одлуката која локалниот парламент ја усвои на предлог на локалната самоуправа се однесува на околу 50 големи фирми за изградба на куќи. Ќе имаат обврска зградите со површина до 2.000 метри квадратни да ги опремуваат со обновливи извори на енергија, пред се соларни панели.

Компаниите нема да мора да поставуваат соларни панели на сите згради што ги градат, туку ќе мора да исполнат одредени цели кои ќе се однесуваат на пропорцијата на згради со панели во однос на сите згради што ги градат. Целта од 30 проценти, како што беше претходно објавено, треба да се однесува на областите Чијода и Чуо, 70 проценти за преостанатите 21 област и Мусашино и 85 проценти за сите други делови на Токио.

Градските власти, исто така, ќе подготват субвенции за да ја поддржат оваа одлука, рече гувернерот на Токио, Јурико Коике, кој истакна дека моментално само четири отсто од домаќинствата што можат да инсталираат соларни панели ги имаат.

Покрај постоечката климатска криза, се соочуваме и со енергетска криза, која дополнително е поттикната од војната во Украина, така што немаме време за губење, изјави Рисако Нарикијо, сопартиец на гувернерот Коика.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Во Старата скопска чаршија урнат споменик на културата
Следна вестСончево со мала до умерена облачност