Ветеринарните инспектори во Агенцијата за храна и ветеринарство не реагираат на пријавите за неодговорно сопствеништво, соопшти денеска Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“. Од оваа организација наведуваат дека досега повеќепати поднеле вакви претставки до АХВ но немало соодветна постапка. Последната претставка е поднесена пред еден месец за куче напуштено од сопственикот, кое живеело на улица, каде било малтретирано и неконтролирано се размножувало, а сега е згрижено во прифатилиштето на „Лајка“. Според нив, неговиот сопственик живее во Бутел, а кучето било оставено во Ново Лисиче. Сите овие податоци се наведени во нивната претставка до АХВ.
-Кучето во наведениот случај со законски сопственик повеќе од една година е чувано на јавна површина во импровизирана куќарка, се храни од канти за отпадоци и истовремено е размножувано со расни кучиња. Скучна, се окучува во истиот тој парк и според сведоштвата на соседите голем дел од малите угинуваат. Освен во Агенцијата за храна и ветеринарство случајот истовремено беше пријавен во ЈП „Лајка“ кои веднаш излегоа на терен и го заловија кучето, истото е сѐ уште во прифатилиштето, објаснуваат од „Анима Мунди“.
Одговорот кој пристигнал од АХВ бил дека тие „нема да постапуваат по наводите на претставката бидејќи биле базирани на претпоставка“.
-Како може да е претпоставка пријава која ги содржи сите елементи на кршење на закон за одговорно сопствеништво и податоци за сопственикот, слики од состојбата на кучето и од околината во која е чувано. „Труло“ општество со уште повеќе „трули“ институции резултира со илјадници бездомни животни по улиците комплетно нарушувајќи ја нивната благосостојба од страна на неодговорни сопственици, загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните и единствените инспектори со надлежност за постапување во вакви случаеви се незаинтересирани за спроведување правда, потенцираат од „Анима Мунди“.