Home АКТУЕЛНО Македонска телевизија: Пропустот со именувањето на г.г. Стефан е на организаторот на манифестацијата Бадниковите поворки

Македонска телевизија: Пропустот со именувањето на г.г. Стефан е на организаторот на манифестацијата Бадниковите поворки

0
Македонска телевизија: Пропустот со именувањето на г.г. Стефан е на организаторот на манифестацијата Бадниковите поворки

За време на вчерашниот пренос на Македонската телевизија од концертот на Бадниковите поворки, неговото блаженство, г.г. Стефан, поглавар на МПЦ – ОА беше потпишан со титулата „Архиепископ Охридски“, на инсистирање и според официјалниот допис од организаторот на манифестацијата, соопшти вечерва јавниот сервис.

Во соопштението се додава дека МРТ се оградува од пропустот.

-Македонската телевизија, која вршеше пренос, се оградува од пропустот на организаторот, бидејќи јавниот сервис секогаш се придржува до целосната титула на поглаварот г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски, се наведува во информацијата до јавноста.

Претходно, Поглаварот на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија г.г. Стефан реагира и бара извинување од МРТ за тоа што за време на синоќешниот Божикен концерт што беше пренесуван на МТВ1 на кајронот наместо титулата „Архиепископ Охридски и Македонски” стоеше скратената титула „Архиепископ Охридски”.

– За време на вчерашниот Божикен концерт на празнични песни – одржан како завршен дел од манифестацијата „Бадникови поворки”, беше направена груба, се надеваме ненамерна, грешка. Имено, за време на Нашиот благодарствен говор на кајронот на МТВ1 наместо титулата „Архиепископ Охридски и Македонски” стоеше скратената титула „Архиепископ Охридски. Не сакајќи да веруваме дека станува збор за свесно или нарачано искривување на титулирањето на Поглаварот на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, Ве замолуваме уште денеска во средствата за информирање на Јавниот сервис да објавите извинување за овој голем превид, беше наведено, покрај другото, во реакцијата.