Патничко возило експлодирало и се запалило синоќа во центарот на Скопје во моментите кога во близина поминувала министерката за одбрана Славјанка Петровска. До опожарувањето на возилото дошло синоќа околу 2- часот на булевар „Кочо Рацин“ во близина на Црвениот крст на Македонија. Во пожарот целосно изгоре автомобил „опел астра“ со скопски регистарски ознаки. Пожарот е локализиран од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ). Повредени лица и штета на други возила нема.
Во моментите кога возилото се запалило во непосредна близина се движела министерката за одбрана Славјанка Петровска. Во изјава за „А1он“ Петровска потврдила дека го забележала настанот, но таа негира дека била загрозена нејзината безбедност.
-Се е во ред, чиста случајност. Јас одев пешки од спротивната страна на булеварот и во тој момент експлодираше возилото. Нема никаква врска со мене и, колку што знам, нема повредени, возачот на возилото е добар, истакнала Петровска за “А1он”.
Увидната екипа на МВР излегла на местото на настанот и констатирала дека возилото управувано од двесетиедногодишниот Т.С. се запалило додека тој управувал со него. Од под хаубата почнало да излегува чад, а потоа за кратко време возилото целосно изгорело.