Во пожар целосно изгоре млекарница во кумановското село Романовце, соопштија денеска од Кумановската територијалната противпожарна единица. Во пожарот нема повредени лица, причинета е значителна материјална штета.
Пожарот бил пријавен вчера во 18:50 часот и го гаселе осуммина пожарникари со три противпожарни возила сè до 21:50 часот. Изгорел голем објект со машини. Опожарената фабрика, иако не функционира од пандемијата, била осигурена.
-Кога дојдовме скоро сè беше уништено, пожарникарите веќе беа овде, потоа дојде и полиција и до 22 часот бевме тука сè додека пожарот беше под контрола. Речиси се е уништено. Млекарата не беше во функција од пандемијата, но планиравме повторно да се активира. Претходно беше во целосна функција со голем капацитет на производство со комплет машини, лабораторија, сето тоа е веќе уништено, изјави Реџаил Мустафи, еден од сопствениците.
Од полиција потврдија дека се случил пожар во млекарница и дека нивна екипа извршила увид. Кумановската полиција работи на целосно расчистување на случајот.