На македонското здравство му требаат инфузии, колабира веќе подолго време. Разни доктори се редат во ресорното министерство ама лекот тешко се наоѓа. Дали можеби сите се потпираат на онаа познатата билборд-реклама на СДСМ дека сите од Македонија ќе имаат бесплатно здравство во земјите членки на ЕУ?
Ама, грипот не слушнал за рекламата и еве деновиве без страв ја нападна нашата популацијата. Како едвај да чекаше пандемијата на корона вирусот да стивне. Институтот за јавно здравје неодамна соопшти дека само во првата недела од јануари се регистрирани 821 случај на грип. Може да се претпостави колкумина и не барале помош од лекар туку сами се лекувале.
Дали искуствата од справувањето со Ковид-19 ќе му бидат од помош на здравствениот систем за да се ублажат последиците од подмолниот грип? А, всушност се сумираа ли искуствата од голгогата која ја помина Македонија во ковидот?
Знаеме, дека Македонија е една од земјите која доживеа најтешки последици од светската пандемија. Тоа го покажуваат и денешните податоци на светската листа: со 9.623 починати лица, односно, со 4.624 починато лица на милион жители, сме на второ место во светот!
Зошто е тоа така, зошто имавме толкав број на починати лица? Се бара ли вистински одговор на ова прашање. Нашите здравствени власти неколку пати најавуваа дека ќе се прават анализи на високата смртност, но некако се остана на првичните констатации дека главната причина е присуството и на други болести кај инфицираните. Дури се случи да првиот човек на Комисијата за заразни болести да посочи дека „голем дел од високата смртност се должи на запоставеното сопствено здравје од страна на граѓаните“…!?
Сега нема нешто посериозно да откријат? Зошто, посебно на почетокот на пандемијата, на заболените им се даваа големи дози на антибиотици иако тоа не е целисходно, зошто се дозволи матичните лекари да бидат толку преоптоварени и лекувањето да се сведува „по телефон“, зошто долго време немаше протоколи за лекување на заболените по болниците, зошто се дозволи да има недоволен медицински персонал по болниците заради што болните не можеа да добиваат соодветна нега, зошто немаше доволно опрема, зошто имаше некои мерки кои беа контрапродуктивни…?
Здравството е наука, а таа се потпира на анализи, истражувања, претходни искуства… Го знаат тоа во министерството или од таму чекаат да се оствари рекламата – дека сите ќе имаме бесплатно здравство во земјите на ЕУ, па тие нека му ја мислат.