Со едногласно прифаќање на предлогот којшто дојде од страна на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа денеска ја разреши Данела Арсовска од функцијата претседател.
Барањето за нејзино разрешување стигна од градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а предлогот нејзин наследник да биде градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, беше едногласно прифатен. Според нив, со прекинот на коалицијата со Арсовска – тие немаат претставник во претседателството на ЗЕЛС.
Арсовска беше избрана за претседателка на ЗЕЛС на 22 декември 2021, кога потпретседатели станаа градоначалникот на Валандово, Перо Костадиновски, и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
На оваа одлука на Управниот одбор на ЗЕЛС веднаш реагираа од Градот Скопје, тврдејќи дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се покажала на дело.
-Ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На постојниот политички естаблишмент очигледно му пречат луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе кои се независни и делуваат исклучително во интерес на граѓаните. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно им пречат луѓе кои знаат да кажат не на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис интересот на врхушката во партиите. Истите луѓе кои се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја превземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје, реагираше кабинетот на Арсовска.