Здравствените синдикати на протест, се бара јануарската плата

На предупредувачки протест пред Фондот за здравство денеска ќе излезат вработените во здравствениот сектор во организација на синдикатите. Се бара исплата на јануарската плата, а доколку во текот на денот тоа не се исполни ќе информираат за следните чекори кои ќе бидат преземени. На протестот се очекува ичеството на докторите, сестрите, болничарите и останатиот медицински кадар од ГОБ „8 Септември“, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и од други здравствени организации низ земјава

За денеска предупредувачки протест од половина час најавија дел од вработените во Градската општа болница „8 Септември“.

Синдикатот на Клиничкиот центар најави дека, доколку денеска нема плата, нивниот протест можно е да почне в среда, а ќе трае и четврток и петок. Претседателот на оваа организација, Горан Беговиќ најави дека доколку и понатаму нема разбирање за состојбата на вработените и дека треба да се исплати плата, сето тоа може да ја влоши состојбата и да доведе до еден општ штрајк.

Јануарските плати на вработените во здравството доцнат поради хакираниот систем на Фондот. ИТ-системот на ФЗО прекина со работа на 6 февруари откако беше цел на сајбер-напад.

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека доколку до денеска не се реши проблемот, платите за здравствениот кадар ќе се обезбедат од Централниот трезор, а потоа ќе се порамнат со трезорот на Фондот за здравствено осигурување.

Претходна вестВремето денес сончево со малку облаци, температури до 20 степени
Следна вестБугарскиот клуб во Битола нема да го менува името, ќе оди на суд