Комисијата за употреба на имињата при Министерството за правда го почна процесот на оценката дали имињата на бугарските клубови во земјава се усогласени со новите одредби во Законот за имиња на здруженија и фондации. Ова советодавно тело вчера одржало прва седница при што, како што се дознава, го разгледувало списокот од Централниот регистар за тоа кои здруженија треба да ги усогласат своите имињата со измените на законот, кој забранува во називите да има фашисти и нивни соработници.
Според сознанијата, некој конкретна одлука не е донесена но во центарот на расправата била темата поврзана со мислењето дали Иван Михајлов е поврзан со ширење или со поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и на Третиот рајх. Ако мислењето е позитивно, тогаш идниот министер за правда ќе може да донесе решение за неусогласеност со Законот за здруженијата, а Централниот регистар да го избрише здружението „Иван Михајлов“ од Битола, најдоцна до 16 март.
Името на овој клуб кој е во Битола е едно од најспорните со оглед на тоа дека Ванчо Михајлов во историската меморија на македонскиот народ останува запаметен како организатор и наредбодавец за голем број убиства на истакнати македонски интелектуалци и дејци, во пресрет на Втората светска војна. Во европската и во светската историја останува запаметен и како соработник на нацистичка Германија.
Комисијата, исто така, има за задача да се произнесе по името на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид. Во јавноста се појави информација дека овој клуб ќе го смени името но телевизијата Канал 5 синоќа објави дека првиот човек на здружението Томе Блажевски деновиве изјави дека тие само се интересирале за постапката, а не побарале промена на името, како што се толкуваше нивното писмо испратено до Централниот регистар…
Од Централниот регистар потврдија дека до Министерството за правда доставиле список со имиња на здруженија за коишто ќе се произнесува Комисијата.