Рускиот претседател Владимир Путин пред малку одржа говор во Федералното собрание каде што се обрати на нацијата, но и на светот. Во својот говор најмногу зборуваше за состојбите во Украина, го обвини Западот и дека ја потикнал војната, а ја спомена и Југославија, Сирија, Либија…
Тој рече дека говорот го одржува во многу тешко време, во време кога се случуваат историски промени за Русија и нејзиниот народ.
-Пред речиси една година, за да го заштитиме нашиот народ од заканите што доаѓаа од режимот во Киев, решивме да започнеме специјална воена операција, нагласи Путин.
Претседателот објасни дека официјална Москва претходно се обидела да го реши проблемот на мирен начин и била трпелива.
-Сепак, тие подготвуваа друго сценарио зад нашиот грб, рече Путин.
Исто така нагласи дека Западот ја почнал и војната во Украина.
– Јасно беше дека следната цел е напад на Крим и Севастопол. Тие ја започнаа војната, а ние користиме сила за да ја запреме, рече Путин и нагласи дека Русија не може да биде победена.
Колку повеќе оружје ќе и биде испорачувано на Украина, толку повеќе ќе се разгорува конфликтот и ќе се зголемува руската интервенција.
– Колку е поголем дострелот на оружјето што го добиваат, толку повеќе ќе мораме да ги туркаме од нашите граници. Тие мора да разберат дека е невозможно да се победи Русија на бојното поле.Тие ги корумпираат нашите деца и ја искривуваат историјата, истакна Путин.
Првиот човек на Русија вели дека посветеноста на Западот за мир се покажа како „измама“ и „сурова лага“ и тврди дека Киев се обидувал да складира биолошко и нуклеарно оружје.
– Во декември 2021 година официјално испративме нацрти на договорот за безбедносни гаранции до НАТО, но бевме одбиени на сите позиции. Тогаш конечно стана јасно дека зеленото светло за агресија е дадено. Заканата растеше секој ден, потсети шефот на руската држава.
Путин ги спомена и државите кои биле нападнати или биле подложени на воена интервенција од западните земји.
– Порано се применуваше одвратниот метод на измама. Ја уништија Југославија, Либија, Сирија, рече рускиот претседател обвинувајќи го Западот.
Тој се осврна и на американските воени интервенции.
– Околу еден милион луѓе загинаа во американските воени кампањи, додека 30 милиони станаа бегалци. Никој во светот нема да го заборави тоа, додаде Путин.
Путин нагласи дека Русија не војува со народот на Украина, туку со режимот во Киев, кој ги спроведува наредбите од Западот. Сепак според него Русија ќе направи се конфликтот да не добие глобални димензии.
– Ќе реагираме соодветно на плановите локалниот конфликт во Украина да не се претвори во глобална конфронтација.
Според него Западот оди во духовна катастрофа и го уништува семејството.
– Прости им Господи, тие не знаат што прават. Милиони луѓе на Запад сфаќаат дека се доведени во духовна катастрофа. На Запад дури и педофилијата се најавува како нормална работа. Западот ги признава истополовите бракови. Во ред е. Тие се возрасни. Тие имаат право да живеат свој живот. Во Русија секогаш сме многу толерантни кон тоа. Но во Светото писмо се вели дека бракот е помеѓу маж и жена, истакна Путин.