Директорот на ФЗО Ахмети се правда: Не сум на одмор, службено престојувам во САД

Не сум на одмор туку користам денови од него за службен престој во САД кој е одамна планиран, објасни вчера генералниот директор на Фондот за здравство, Фатон Ахмети. Тој го даде ова објаснување по реакциите во јавноста дека иако се случил сајбер нападот на ФЗО тој продолжил да го користи годишниот одмор во САД.

Тој посочува дека патувањето му било планирано пред неколку месеци.

-Како последица на многубројните дезинформации и со цел правилно информирање на јавноста, принуден сум да објаснам едно прашање. Престојувам во САД, на покана на Стејт департментот на САД, на програмата IVLP. Патувањето е планирано пред неколку месеци. Не сум на годишен одмор во САД! За коректност кон институцијата во која дејствувам, го користам годишниот одмор а не можноста за службено патување. Мојот престој во САД е целосно финансиран од Стејт департаментот на САД. Ниту еден денар не е потрошен од државниот буџет! Во тек на целиот престој бев во контакт и синхронизиран за дејствувањата со колегите од ФЗО, посочува Ахмети кој е втор директор во ФЗО покрај Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Вчера Филиповска – Грашкоска побара новинарите лично да го прашаат Ахмети зошто не го прекинал одморот за време на сајбер нападот.

-Сметам дека би било непрофесионално и некоректно да коментирам во негово име. Колегата беше известен за ситуацијата и брифингот, согласно решението, тој е се уште на одмор, рече Филиповска-Грашкоска.

Претходна вестДоктор Беќаровски: Неконтролираната употреба на антибиотици допрва ќе ја поднесе својата црна фактура
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Oмилената директорка на Груби платила 600 илјади евра за комбе