Владата денеска ќе ја „пече“ цената на лебот

Одлука дали цената на лебот ќе биде замрзната или не, денеска ќе ја донесе Владата на седницата на која ќе биде разгледнуван предлогот на Министерство за економија таа да биде најмногу 33 денари. Предлогот доаѓа откако и по неколкиу месеци производителите на овој основен прехрамбен продукт не извршија значително намалување на цените и покрај тоа што користат субвенционирана цена на електрична енергија. Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна изјави дека цената на белиот и на полубелиот леб ќе биде замрзната.

-Ова е само прв чекор од производите кои ќе бидат замрзнати, ќе следат и нови одлуки. Не може да има разлика во цената од 28 до 38 денари за ист леб. Дополнително ќе се утврди и количината бидејќи трговците ги намалуваат цените, но и количините, најави Бектеши, додавајќи дека се прават анализи и за тестенините.

Наспроти ова, претставници на индустриски пекари вчера се заканија со престанок на производство.

-На состонокот на кој беа присутни 32 индустриски пекари од цела земја, плус од мали градови, се согласивме дека мерката за замрзнување ќе направи до работиме со загуби. Едногласно, беше донесена одлука, дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цената на лебот во Службен весник, другиот ден пекарската индустрија ќе престане да произведува леб, посочи Горан Малишиќ, претседател на групација за мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Пекарите тврдат дека при определување на цената, околу 40-45 отсто е материјален трошок за брашно, квасец, сол и така натаму, 30 – 35 отсто е работна рака, десетина проценти е енергија и 15-ина проценти се други трошоци, како кредити, пакувања, лизинг и слично. Односно, дека само 10 отсто е субвенцијата за електричната енергија. Меѓутоа, во периодот кога дојде до значително поскапување на електрична енергија се тврдеше дека тоа ќе предизвика зголемување на цените на лебот.

-Во изминатите месеци најголем удел во цената на лебот има струјата, посебно по месец јули. Сериозен проблем е тоа што половината од оваа индустрија со струја се снабдува по берзански цени и што најмногу влијае на растот на цената на лебот, изјавиваше во октомври минатата година Горан Малишиќ.

Претходна вестНаутро облачно и свежо, попладне и приквечер дожд
Следна вестСе одложи судењето на Жан Митрев, ново рочиште на 5-ти април