Ковачевски за 100 дена потрошил 26.000 евра за саморекламирање на интернет

Премиерот Димитар Ковачевски само во последните 100 дена потрошил 26 илјади евра за спонзорирање на постови објавени на социјалните мрежи, објави Истражувачка репортерска лабораторија. Во истражувачката сторија насловена како „Премиерот кој сака да биде инфлуенсер“ се наведува дека Ковачевски е рекордер по објави по социјални мрежи. Во сторијата се наведува дека ниту неговиот претходник во премиерската функција, ниту опозицијата не можат да го надминат неговиот број на објави. За споредба, Зоран Заев имал вкупно 2.863 поста на неговиот официјален профил од 2016 до денеска, а во една година Димитар Ковачевски имал 782 постови. Откако е креиран неговиот профил од 13 јануари 2022 година до 21 февруари 2023 (временски опсег на анализата на ИРЛ) тој има постирано 680 фотографии и 102 видеа за Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

-Според податоците прибрани преку јавно достапните бази на компанијата Мета, Димитар Ковачевски само во последните 100 дена потрошил 26 илјади евра за спонзорирање на постови. На овие постови како спонзори се јавуваат СДСМ, владата и други средства за кои не постојат податоци за крајните уплаќачи. СДСМ потврди дека тие плаќаат за спонзорства, додека Владата негираше.  ИРЛ пронајде пет реклами поврзани со храната во Македонија каде што како плаќач е идентификувана владата, се наведува во статијата.

Најскапиот спонзориран пост е платен 4.000 евра и е повик за заследување на страницата на Димитар Ковачевски. Бројките не се пораснати драматично, досега има 4.670 следбеници на Инстаграм и 41.000 на Фејсбук. Податоците за спонзорираните објави на премиерот се јавно достапни на алатката на Мета Ad Library чија цел е поголема транспарентност во политичкото рекламирање.

Ковачевски денеска изјави дека не троши државни пари за комуникација преку социјални мрежи.

– Јас спроведувам социјалдемократски политики и ниту еден денар за тоа не е е од буџетски средства, ниту пак некој од Владата седел прекувремено за да го прави тоа за мене. Денес тоа се прави преку апликации и е поедноставно во споредба со доскорешните начини, некои медиуми стари и преку 150 години. Значи, зборуваме за социјални мрежи и лесни и достапни апликации, одговори Ковачевски на новинарско прашање врзано со истражувањето на ИРЛ.

 

Претходна вестСпоред Стејт департментот заканата од терористички напади во Македонија е висока
Следна вестМакедонија ќе биде дел од Олимписките претквалификациски турнири во кошарка