Скандалозен е обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да се попречи работата на МВР и на МОН во дополнителните мерки за справување со дојавите за бомби во училиштата, оцени денеска Санела Шкријељ, пратеничка од СДСМ.
Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е во целосно заложништво на радикалната Левица и наместо да ги поддржи институциите, наместо да помогне, одмага во клучни моменти.
-Повикот и дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ и Весна Јаневска против новите протоколи значи поткопување на напорите на надлежните институции во справување со хибридните напади. Нашата земја е под постојани хибридни закани по почеток на воената инвазија врз Украина. Исто како и во другите држави од регионот, Србија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија. Но, во ниту една од овие држави не беше забележана ваква неодговорност на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ директно застанува зад хибридните напади чија цел е создавање немир, тензии, недоверба и чувство на страв кај граѓаните, потенцира таа.
Според неа, се потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ со своите деструкции само бара начин да се доближи до радикализмот на Левица, да го надмине и да и предизвика штета на сопствената земја.
-Ваквото неодговорно, ќе повторам скандалозно однесување е на директна штета на учениците и на образовниот процес и тоа мора да запре, нагласи Шријељ.