Во Косово мора да се формира Заедница на српски општини(ЗСО) „ако ја нема Заедницата, нема ниту договор“, ова го изјави Специјалниот пратеник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, за Српската радио-телевизија (РТС). Според него целта на преговорите е да се отвори „европската врата“, за двете страни.
Предлогот на ЕУ, за кој српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти постигнаа согласност на средбата во Брисел, потенцира Лајчак, говори за нормализација на меѓусебните односи, а не за капитулација. Целта, додаде тој, не е некој да победи или да загуби.
– Целта е да се бара вин-вин ситуација и да се отвори европската врата, нагласи специјалниот пратеник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Претстојната средба на 18 март во Охрид, истакна Лајчак, има за цел да се постигне договор за исполнување на договорот што има добиено таква поддршка од ЕУ што не се памети во минатото.
Мирослав Лајчак од понеделникот престојува во Белград, а денеска треба да ги продолжи разговорите со Вучиќ.