Веќе нема да има вонредно запишување на учениците во средните училишта со здравствени струки, а тоа го барале националните интереси. Ваква одлука донело Министерството за образование и наука, а дописот за тоа веќе е доставен до ваквите училишта.
– МОН испрати допис до сите училишта во кои се реализира здравствена струка, дека запишувањето вонредни ученици се става во мирување. Одлуката е донесена во насока на заштита на националните интереси, а согласно анализа на состојбите на пазарот на трудот, велат од МОН за МИА.
Досега вонредно можеше да се заврши средно образование за медицинска сестра, фармацевтски техничар и за други профили од здравствена струка. Според сознанијата, за ваков вид учење најчесто се заинтересирани кандидати со завршено средно образование, кои се преквалификуваат со намера да стекнат диплома во овие области и да конкурираат за работа во странство.