Македонскиот фудбалски репрезентативец Дориан Бабунски, кој игра за унгарски Дебрецен, поради повреда на мускулот со која се здоби на последниот натпревар во Унгарија нема да настапува на натпреварите на Македонија кои ќе се играат во месец март. По направените прегледи лекарите утврдиле дека тој нема да може да игра и треба да мирува.
Информацијата ја потврди и селекторот Благоја Милевски на прес-конференцијата, по што дополни дека на стартот на евроквалификациите Македонија нема да има замена за Бабунски.
Позитивни вибрации има во националниот тим за дуелот со островјаните кои важат за екипа од која не се очекува победа, сепак фаворитската улога ќе мора да ја потврдат и на терен.
– Секако дека анализите кои ги правевме се од последните четири натпревари на ривалот, но тоа не мора ништо да значи дека така ќе биде на следниот дуел затоа што имаат нов селектор, но играчите се тие. Се работи за квалитетна репрезентација, со квалитетни индивидуални карактеристики на играчите. Имаме максимален респект кон противникот, но ќе нагласам дека сето она кое ќе се случува на натпреварот зависи во најголема мера од нас самите. Кога ги гледам момците како изгледаат, повеќе од уверен сум дека ќе тргнеме успешно во овие квалификации. Ама, во денешниот фудбал фаворити не постојат, ќе мора да се вложиме максимално за успех, изјави Милевски.
Натпреварот против Млата ќе се игра утре на Арената „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20:45 часот.