ВМРО-ДПМНЕ ја осуди скандалозната објава на Билал Касами

Попладнево и ВМРО-ДПМНЕ-Тетово реагира на скандалозната објава на градоначалникот Билал Касами, кој на Фејсбук градот го нарече „албански центар во Северна Македонија“.

ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција со Беса во Тетово – Касами стана градоначалник токму благодарение на гласачите на партијата, а Беса мнозинството во Советот го одржува со четворицата советници од ВМРО-ДПМНЕ.

Еве ја реакцијата од локалниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово:

Објавата на градоначалникот Касами на неговиот Фејсбук профил оправдано предизвика бура на реакции кај Македонците. Со оваа реакција на неговата објава ние како Општински комитет на ВМРО – ДПМНЕ Тетово сакаме да укажеме дека градоначалникот на Тетово треба да е свесен дека промоцијата на Тетово како центар на една заедница подразбира дискриминација на Македонскиот народ и сите други кои живеат во Тетово. Тоа ние нема да го дозволиме‼️
Тетово за нас е, и секогаш ќе биде срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница.

Градоначалникот Касами има мандат да ги следи трендовите на европските градови, а сите заедно сме тука да работиме и да придонесеме Тетово да прерасне во град во кој младите ќе сакаат да живеат а не град од кој си заминуваат. Културата и духот на животот во Тетово подразбираат меѓусебна соработка, почитување и градење на подобри услови за живот на сите кои живеат во Тетово. На крајот сакаме да потенцираме дека улогата на градоначалникот е да создава подеднакви можности за сите без разлика на национална и верска припадност. Се надеваме дека градоначалникот Касами веќе ја увидел тежината на зборовите во неговата објава и дека е свесен за негативните реакции кај неговите сограѓани Македонци“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, на објавата на Касами реагираше и општинската организација на СДСМ во Тетово, од каде му порачаа на градоначалникот дека „нема ориентација во просторот“. Касами, пак, во својата реакција, рече дека не се работи за „главен град“, како што било пренесено, туку за „албански центар“ и обвини дека објавата му била злоупотребена со тоа што ѝ била дадена друга насока.

Претходна вест19-годишник силувал малолетно девојче од тетовско
Следна вестОфицијално: Џихан Арслан е новиот тренер на ФК Шкупи