Поправка на руинираните детски игралишта на подрачјето на скопската општина Аеродром деновиве извршиле активистите на партијата Левица. Во партиското соопштение на огранокот од оваа скопска општина се наведува дека градоначалникот Тимчо Муцунски секојдневно ги злоупотребува децата за собирање на политички поени а детските игралишта низ општината се распаѓаат.
-Игралиштата се во очајно лоша состојба, а сѐ што треба е мала хаусмајсторска работа за да се стават детските игралишта повторно во функција за најмладите. Прилично нови детски игралишта се оставени на забот на времето и на несовесни жители кои ги кршат, додека Тимчо Муцунски не го интересира тоа и не ангажира општински работници за да ги поправат, туку само тендери го интересираат за како побрзо да го потроши кредитот од 5,4 милиони евра за да замачка очи дека нешто сработил, наведуваат од Левица.
Партијата потренцира дека комунални инспектори на терен како да не постојат да го санкционираат уништувањето на детските игралишта, а пак полициската станица во најголемата по жители и најгусто населена општина е симната на ниво на селска станица која небаре опслужува не повеќе од 500 жители, а не општина со близу 100 000 жители.
-Левица како партија од народот за народот најавува нови вакви работни акции низ маалата на општина Аеродром за да му покажеме на Тимчо Муцунски како треба една општина да биде сервис на жителите, а не да служи само за тендери и лапање пари за партиските потрчковци од ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштението.