„Колку е блиску сонцето…“ биле први зборови на народен македонски јазик кои таа вечер на 3 април 1945 година одекнаа во салонот на тетарската зграда на левиот брег на Вардар во Скопје. Репликата од театарската претстава „Платон Кречет“ означи и почеток на работата на Македонскиот народен театар, една од најзначајните културни институции во ослободената македонска република. Зборовите коишто ги изговори младата актерка Вера Вучкова означија почеток на делувањето на новиот театарски ансамбл од чии штици почнува да се слуша македонскиот јазик и на кој се изведувани врвни дела на театарската уметност. Остана забележано дека режисерот на претставата бил Димитар Ќостаров, преводот на Блаже Конески, сценографија на Тома Владимирски, а актери биле Илија Милчин, Илија Џувалековски, Крум Стојанов, Гордана Аќимовиќ, Тодор Николовски…
На сето ова му претходила одлуката за формирање на Македонскиот народен театар од 31 јануари 1945 година на Президиумот на АСНОМ, решение бр. 581/45, и со што официјално започнува со работа оваа сценско – уметничка куќа. За директор е поставен Димитар Ќостаров, а Илија Милчин е секретар – драматург.
Инаку, претходно, за основоположници на театарот во Македонија се сметаат Јордан Хаџи Константинов–Џинот, драмски писател, преродбеник и учител, Војдан Чернодрински, драмски автор, актер и режисер, како и актерите Петре Прличко и Димче Трајковски. Тие со своите патувачки трупи и групи прават театар на отворено, по кафеани, во општински згради и разни импровизирани простори. Најчесто се играни комедии кои ја развеселувале публиката и кратки актовки, скечеви и драматизации на романи и приказни. Изведбите биле едноставни и сиромашни во поставка, но значајни по творечката активност, репертоар на македонски јазик и со македонска проблематика, а преку тоа и на процесот на ослободување на народот и земјата.
Од организационен аспект, првиот професионален/институционален театар на територијата на Македонија е Народно позориште – Скопје, формиран 1913 година од реномираниот српски комедиограф Бранислав Нушиќ. Формиран е во таканаречениот Турски театар, наречен и Ада Кафе, изграден 1906 година, кој Нушиќ таа 1913 година го адаптира во прв скопски театар, а отворен на 27 декември истата година. За жал, по само четириесеттина дена, театарот изгорел до темел. Тоа е период кога Македонија се наоѓала во рамките на Кралството СХС и кога не се признавало постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик.
На 16 октомври 1927 година, во Скопје, свечено е отворена новата зграда на преименуваниот театар Народно позориште Краљ Александар И. Овој театар активно работи до 1941 година. Со окупацијата на Македонија во 1941 година од страна на бугарските фашистички сили театарот во Скопје паѓа под бугарска управа и се преименува во Народен театар – Скопје. Работи од 1941 до 1944 година, и се зборува/игра на бугарски јазик. Се играат пиеси од бугарски автори. Репертоар имал за цел да ја зајакне бугарската политика и националната свест, како и нејзините естетски критериуми. Претставите ги поставуваат бугарски режисери, сценографи и костимографи.
Наспроти ова, во тој период на Народноослободителна војна, во рамките на партизанското движење, делуваат и македонски актери, режисери и уметници како Петре Прличко, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Тома Владимирски, Василије Поповиќ-Цицо и други. Со бројни претстави коишто ги прават на слободните територии се создавата и претпоставки за формирање на Македонскиот народен театар а што се случува на денешен ден пред 78 години.
Во текот на првите две сезони, по формриањето, МНТ и функционирал како драмски театар, а во текот на наредните четири години, театарот се доорганизирал: оперскиот ансамбл бил конституиран во 1947 година (првата оперска премиера, „Кавалерија рустикана“ била изведена на 9 мај 1947 година), а балетскиот во 1949 (првата балетска премиера, „Валпургиска ноќ“ била изведена на 27 јануари 1949 година). Ваквиот модел на театарска организација (драма-опера-балет, популарно наречен австроунгарски), е променет во 2004 година, кога МНТ го задржал драмскиот ансамбл, а операта и балетот станале посебна организација — Македонска опера и балет (МОБ).
МНТ работел во истата зграда до земјотресот од 1963 година, кога таа била тешко оштетена и подоцна урната. После ова, МНТ работел во привремениот објект Театар Центар, до изградбата на новата зграда на МНТ во 1980-тите. Таа зграда денес ја користи Македонската опера и балет (МОБ), а од 2013 година, МНТ се вселува во одново изградената стара зграда (со извесни измени) на кејот на реката Вардар.
Силен земјотрес за театарот беше и кога неодамна властите му го менуваа името, ама за тоа во друга прилика… сега да си припомнеме за неговата славна историја.