Кинески научници развија батерија што помага да се убијат туморите

Кинеските истражувачи развија имплантабилна и самонаполнета батерија што помага да се убијат клетките на туморот со регулирање на микросредината што го потпомага растот на туморот. Студијата објавена во списанието „Саенс адвансес“ (Science Advances) ја опишува батеријата, која во комбинирана употреба со органското соединение тирапазамин, го намалила обемот на туморот за 90 отсто во просек во текот на две недели и елиминирала тумори кај четири од пет глувци, известува Кинеското меѓународно радио.

Тим од Универзитетот Фудан дизајнирал имплантабилна направа што може да формира циклус на празнење и самополнење за стабилно да го троши кислородот во туморите на глувците, со што се регулира содржината на кислород во туморот и нивото на пХ. Студијата покажа дека батеријата може да се користи како ефикасен регулатор на микросредината на туморот за антитуморна терапија, изјави Џанг Фан, професор на Универзитетот Фудан и еден од авторите на студијата.

Покрај тоа, во текот на третманот не се пријавени абнормални промени во телесната тежина, ниту на кожата и главните органи на глувците. Професорот Сија Јонгјао истакнал дека работата претставува вкрстена студија помеѓу технологијата на батерии и биотерапијата, која не само што обезбедува нов метод за лекување на туморот, туку и поставува преседан за батериите во биомедицинската примена.

Претходна вестИ бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ избришан од Централен регистар
Следна вестМицкоски: Бидејќи СДС и ДУИ се прават Европејци, нека го прифатат хрватскиот модел на национална држава, земја членка на ЕУ