Мицкоски: Бидејќи СДС и ДУИ се прават Европејци, нека го прифатат хрватскиот модел на национална држава, земја членка на ЕУ

ВМРО-ДПМНЕ нуди консензус околу хрватскиот модел на Уставот со што каква е преамбулата во хрватскиот Устав, така да се направи и преамбулата на македонскиот Устав, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој во изјава за медиумите по извршениот увид на градежни активности на нов спортски центар во Бутел, прашан околу уставните промени, посочи дека евентуалната интервенција во Уставот се случува во три чекори.

-Прво, како се случува евентуалната интервенција во Уставот: има три чекори. Првиот чекор е во парламентот, доаѓа иницијатива со која се утврдува потребата за отворање на Уставот. Тоа значи дека две третини од пратениците ќе гласаат ‘за’ или ќе нема две третини ‘за’. Доколку има такви што ќе гласаат ‘за’, тогаш следува вториот чекор – тоа е формирање уставна комисија, која работи на амандмани и ги носи во парламентот, тогаш се потребни мнозинство пратеници од вкупниот број или 61. И доколку има, тогаш повторно се враќаат изгласаните амандмани и се формира конечен текст и пак се враќаат во парламентот и тогаш се потребни две третини од вкупниот број пратеници. И тогаш некаде потребни се минимум 104-105 дена доколку во идеален случај процедурата почне од почеток до крај, објасни Мицкоски.

Тој посочи дека ние сега не сме ни на почетокот, ние сме пред почетокот.

-Во оваа фаза работни групи и уставни комисии не се формираат. Овде сега пред пратениците се доставува иницијатива за утврдување на потребата за отворање на Уставот. Мене ако ме прашате како човек, преку глава ми е од работни групи, каде што неколкумина политичари седат во затворена просторија и одлучуваат за иднината на народот, а народот е против тоа. Затоа одлучивме да го дадеме предлогот да не се затвораме во темни простории и да ја мистифицираме целата ситуација, а во суштина се трудиме, реализираме партиски интерес. И некои стратези викаат треба да ги вметнете Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и сè ќе се реши. Тоа е погрешно. Тоа не е тој начин. Тие каде што одат, ние сме се вратиле, не е тоа суштината, ние треба да работиме за народот и затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ велиме, еве го предлогот, вие го посочивте хрватскиот модел, ние рековме – во ред, го прифаќаме. Но, ова не е желботека, детска градинка, еве го моделот, го прифаќате или не го прифаќате. Не сакам да верувам дека една ваква проевропска влада, која ја сочинуваа ДУИ и малцинскиот партнер СДСМ, ќе го загрози европскиот пат на Македонија кога веќе имаме предлог на маса, кој ние го прифаќаме и треба да изградиме консензус, рече Мицкоски.

Инаку, од Министерството за правда денеска информираа дека е испратен допис до Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања, парламентарните политички партии, експерти кои имаат познавања на уставната материја. Во барањето за номинација е наведено дека во интерес на исполнување на нашата обврска која произлегува од преговарачката рамка која ја усвоиле 27 земји членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава.

-За таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на Уставното право кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени, се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Претходна вестКинески научници развија батерија што помага да се убијат туморите
Следна вестАпасиев: Вчера почна судењето на УЧК, aј па и за водството на ОНА да си дочекаме