Има ли некој во Македонија кому не му е јасно дека здравствениот систем е ужасен. Да има – во Владата и особено во ресорното министерство ако прашаш ќе добиеш одговор дека многу се прави, дека…
Ама, еве вчера поразителни податоци се слушнаа за работењето на Клиниката за онкологија на којашто се решаваат судбини на многу граѓани заболени од тешки болести. Државните ревизори, кои биле во контрола во 2021 година, откриле дека уште од 2016 година не се користи новонабавенот акцелератор туку се чува во некое складиште, па дури и за тоа се плаќаат по 189 илјади денари годишно.
Што ќе кажат во Владата по ова?
И не само тоа што се открило при ревизијата – се увидело дека немало критериуми за тоа кој пациент треба да прима биолошка терапија, не се планирале лековите, биле набавувани на реверс, вработените работат на местата што не постојат, платите произвоно им се определувале…
Загрижувачко! Ревизорите ова го откриле пред две години. Сега работите се поправени во клиниката?
Актуелната директорка и поранешниот директор вчера не одговараа на повиците на медиумите. Па, така, јавноста не знае дали нешто е сменето во меѓувреме. Дали акцелератор се користи, дали е воведен ред во давањето на терапии, се направи ли систематизацијата на работните места и правилник за плати… На овие прашања раководствата, и поранешни и сегашни, не смеат да молчат. Време да се средат состојбите имаше доволно. Заради тоа, треба и конкретен одговор за секоја неправилност што е утврдена.
Во спротивно, и во случајот со оваа здравствена институција може да се повтори ситуацијата како и со бројни други ревизорски извештаи. Односно, тоа да извештаите на ревизорите, кои професионално ја обавуваат својата задача, останат без каков и да е одговор. Бројни се примери на ревизорски извештаи во кои по разни институции се откриваат неправилности и отворени злоупотреби, а тоа останува без соодветен одговор.
Не се презема ништо како од раководствата на тие институции, ниту пак од страна на обвинителството или други, надредени, државни органи.
Случајот со ревизијата на Клиниката за онкологија, ќе биде поразличен односно позитивен и ќе покрене институционални реакции или по три или дена ќе се заборави?
Опасно е се да си тече како по старо – што стана навика во Македонија. Тешко болните пациенти тоа не го заслужуваат.