Слабо се реализира Националната стратегија против корупцијата, институциите не се доволно посветени, предупреди денеска Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување корупција. Таа рече дека само 10 проценти од планираните активности од Акцискиот план од Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси (2021 до 2025 година) се завршени во 2022 година.
-Сметаме дека причина за оваа ниска реализација е слабата посветеност на институциите. Имате институции со променети по три – четири министри во периодот додека се спроведува националната стратегија и сето тоа во услови кога постои недоволна професионална администрација благодарение на политичките влијанија при вработувањата резултатите се такви какви што се, потенцира Ивановска на денешната конференција на која беа истакнати оценките од досегашните резултати од Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси од 2021 до 2025 година.
Таа порача дека е потребно будење кај институциите со цел да дадат свој придонес за поефективна борба.
-Отсуството на интегритет, силното политичко влијание, особено при вработувањата преку познатите канали непотизам, кронизам, понатаму неказнивоста, отсуството на транспарентност, на дигитализација и тн., сето тоа придонесува да се создаде една ваква клима каква што постои и навистина сметам дека не е крајно, туку е најкрајно време конечно да се разбудат и да дадат свој придонес затоа што никој друг од страна не може да ни ја уреди државата ако ние сами не се трудиме да го направиме тоа, рече Ивановска.
Дел од групата најризични фактори што ја поттикнуваат корупцијата во државата, според изнесеното напрезентацијата, се силното политичко влијание, неказнивоста, недоволната транспарентност, недоволната дигитализација, злоупотребата на дискрециските овластувања. За надминување на овие ризични фактори во институциите се истакнати 54 проблеми, предложени се 111 мерки и 191 активност. Од сите мерки и активости 40 проценти се однесуваат на секторите образование, здравство и органи за спроведување на законот. Најнизок степен на реализација на активностите од акцискиот план на Стратегијата се забележаува кај министерствата за информатичко општетсво и администрација и за земјоделство и шумарство, како и кај Фондот за здравствено осигурување.