Уставниот суд го укина ДУП-от на Карпош: Не може на место за зеленило да се гради бензинска пумпа

Укината е одлуката врз основа на која на подрачјето на скопската општина Карпош требаше да се гради бензинска пумпа на местото на коешто требаше да има зеленило, реши денеска Уставниот суд.

Уставните судии одлучија да ја укинат Одлуката за донесување  Детален урбанистички план за Градска четврт 3 04 блок 04.05 на Општина Карпош, затоа што како што оценија, со вака донесената Одлука се повредува начелото на владеење на правото, унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, предвидени во Уставот. Покрај тоа, направена е и повреда на членот 4 од Законот за урбанистичко планирање, бидејќи донесениот ДУП, не е во согласност со ГУП.

-Од утврдената фактичка состојба и обемната документација која се анализираше, Судот утврди дека  ДУП-от е неусогласен со ГУП-от бидејќи се предвидува изградба на бензинска пумпа која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти. Поконкретно просторот каде се планира изградбата на бензинска пума е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура, информираа од Судот.

Пред речиси три месеци Уставниот суд го суспендираше овој ДУП.

Со 16 гласа „за“ во март минатата година советниците од Карпош го усвоија ДУП-от за просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој група активисти остро го критикуваа. За ДУП-от гласаа советници и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и од ГРОМ, додека на седницата не присуствуваа советниците од Левица и Независни за Карпош.

Од Општината тврдеа дека просторот ќе биде наменет за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, спортска инфраструктура, како и бензински пумпи. Претставници на движењето Независни за Карпош тогаш остро реагираа на процедурата во која се носеше ДУП-от, потенцирајќи дека бензинска пумпа на тоа место, во заштитна зона на бунарски ситем и во близина на гасоводна траса, не смее да има.

Претходна вестВо пожар настрада 84-годишен маж
Следна вестПрилепчанец доби кривична поради коментар на Фејсбук