За делото на Светите браќа Кирил и Методиј, за создавање на првата словенска азбука – глаголица, за нивниот превод на старословенски јазик на најпотребните богослужбени книги и формирање на силни следбеници одамна е кажано дека е историско дело и дека се најзаслужни за словенската просвета, богослужба и култура. Денеска си припомнуваме поради фактот дека Свети Методиј починал на денешен ден во далешната 885 година.
Познато дека се родил во Солун, на македонска територија, во 820 година од угледни родители, Лав и Марија. Негов постар брат е Свети Кирил. Записите зборуваат дека тој служел воена служба и брзо станал познат по своите воени вештини, но и по мудроста. На 20 години веќе бил удостоен од византискиот цар со војводски чин и како таков во 845 година бил испратен да управува со „Словенското кнежевство“ чиешто средиште го сочинувале струмичко-брегалничките краишта.
По десет години во него се пројавила и желбата да му се посвети на Господ, да се откаже од сè земно и да ги устреми своите мисли кон небесното, по што заминал да биде монах на Олимп.
Потоа следува и одлуката на Царот Михаил двајцата браќа да ги испрати во хазарската мисија кога хазарскиот цар Каган побарал од него проповедници на верата во Христос. Во 862 година следува и нивна историска мисија на ширењето на христијанството на словенски јазик, меѓу Словените, на барање на моравскиот кнез Ростислав. За таа цел Кирил и Методиј ја составуваат првата словенска азбука – глаголицата, ги преведоа на словенски јазик Евангелието, Апостолот, Псалтирот и мноштво други богослужбени книги и со што го воведоа богослужењето на словенски јазик.
Методиј се занимавал и со правото, со законите. Долгогодишната работа на Методиј во македонските краишта резултирала со издавањето на т.н „Закон судњиј људим“ – воен законик напишан на словенски јазик со грчки букви, кој претежно содржи одредби од кривичното и од семејното право.
-Во секакви расправи, обвинувања или клевети им прилича на кнезот и на судовите да не судат без многу сведоци. Но и да им велат на скараните и на обвинителите и на подносителите на оптужбите, ако не најдете (доведете) сведоци како што наредува божјиот закон, очекувајте да ја добиете истата казна, која сте ја припремале за другите. Сведоците за нечуено не треба да сведочат и дека не треба да сведочат луѓе кои некогаш биле како лажливци, се пропишува во втората глава од овој Закон за судење на луѓето.
Во Рим, Кирил се разболел и починал во 869 година, а Методиј, пак, на покана од словенскиот кнез Коцел, беше испратен во Панонија, откако папата Адријан Први го ракоположи за епископ на Моравија и Панонија. На таа катедра Методиј претрпел многу непријатности, па и прогон и затвор, но тој до смртта бил посветен на јакнењето на христијанството меѓу Словените. Во последните години од својот живот, Методиј со помош на своите ученици, го превел на словенски јазик целиот Стар Завет, освен Макавејските книги, како и Номоканонот (правилата на светите отци) и доста светоотечки книги.
Методиј се упокои во Господа на 6 април 885 година на возраст од 60 години и бил погребан во Моравија. Неговите ученици Петочисленици – Свети Климент Охридски и други го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу народот на истото историско дело што го започнаа Светите Методиј и Кирил.