Цената на становите, односно цената на метар квадратен станбен простор ќе се намалува, тврди Зоран Ѓоргијев, директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Акционерското друштво како регулатор на цената почнува да гради на нови локации, а на намалување на цената ќе влијае и поевтинувањето на градежните материјали.
– Според она како се движат цените сега, има извесно намалување на градежните материјали. Ние како државна фирма сме регулатор на цената. Затоа сега набргу ќе се почне со градба кај старата воена пекарница, па така ќе можеме на ова лудило во државата и во целиот регион за цената на квадратен метар да бидеме некаков регулатор. Мислам дека цените ќе одат во некој благ пад надолу, рече директорот Ѓоргијев по денешниот увид во градежните работи за изградба на зградата за 312 социјално загрозени семејства во Бутел.
Цената на становите во одредени делови на Скопје последниве две години скокна на околу 2.000 евра за квадратен метар. Директорот Ѓоргијев смета дека трендот на енормно зголемени цени за квадратен метар не е само кај нас туку во регионот и во цела Европа, но во периодот што следува се очекува намалување.