Рекламите со наводни магични лекови кои ги лекуваат и најопасните болести веќе подолго време го преплавуваат сајбер светот, но за случајот со кардиологот од Бања Лука Александар Лазаревиќ, чиј идентитет го злоупотребиле за да ги намамат лековерните клиенти и да им продаваат магичен чај, сведочи и фактот дека интернет измамниците не бираат средства за лесно да заработат пари. Имено, на социјалните мрежи се појави оглас за чај кој наводно на пациентите им го препорачува споменатиот лекар.
За да ги измамат клиентите и да продадат што повеќе од тој чај, интернет измамниците го користеле идентитетот на Лазаревиќ, кому пациентите му веруваат поради неговите достигнувања во областа на медицината. Мета на сајбер криминалци биле и двајца негови колеги од Сараево, пренесува Српскаинфо.
Слични случаи имаше и во земјите од регионот, поради што лекарите беа принудени јавно да реагираат, да се оградат од ваквите реклами и да ја заштитат својата експертиза, но и да ги предупредат пациентите да не наседнуваат на лажни објави кои не се ништо повеќе од продажба на магла, бидејќи ваквите препарати можат лошо да се одразат на здравјето.
Доктор Лазаревиќ посочува дека случајот е пријавен во полиција и дека се надева дека што поскоро ќе се стави крај на ваквите манипулации.
– Невистините натписи за лековитите својства на споменатиот чај ги доведуваат во заблуда граѓаните. Не ни го знаеме неговиот состав, а некои состојки можат да бидат опасни. На пример, ако содржи кантарион, а пациентот зема одредени лекови, може да го наруши метаболизмот, изјави Лазаревиќ.
Според него, клучно е да се пронајдат сторителите и да се казнат.
– Изнесоа ноторни невистини, бидејќи во тој оглас пишуваше дека сум направил 100.000 операции на мозокот, а кардиолозите не прават такви работи, секој што ме познава знаел дека тоа не сум јас. Се прашувам кој може да верува дека за еден ден може да се отстранат 2,5 килограми наслаги. Секој што размислува логично знае дека тоа не е реално, рече Лазаревиќ.
Комората на лекари на Република Српска најостро го осуди неодамнешниот случај на злоупотреба на идентитетот на д-р Лазаревиќ во реклами за чаеви, што ги доведе во заблуда граѓаните.
Посочуваат дека ваквото неприфатливо однесување има потенцијално сериозни последици по здравјето на луѓето, поради што ги повикаа надлежните органи да го истражат овој случај.