ССМ со повик за Првомајски протест: Да ги спречиме намерите и лошите владини политики

Повик до работниците, граѓаните и синдикатите за учество на Првомајскиот протест упати денеска Сојузот на синдикатите на Македонија. Во него се наведува дека целта е да се изрази незадоволството од лошите владини политики.

-Сведоци сме дека власта без срам и чуство за одговорност ги убедува работниците дека за пораст на платите треба да се почека и сето тоа да оди постепено и бавно, за сметка на енормното покачување од 78 проценти на нивните плати кое се реализираше  веднаш и за кое носителите на власта нема потреба да чекаат. Без срам и чувство на одговорност власта ќе направи робови од работниците во сопствената држава кои ќе работат 12 часа дневно само заради исполнување на нечии бизнис интереси, под превезот на национален интерес, се наведува во соопштението.

Според ССМ, сите овие причини, дискриминаторскиот однос на власта немањето на слух за егзистенцијалните потреби на работниците резултираа со голем број на штрајкови и протести  организирани од работниците и синдикатите.

-Поради неправдите кон работниците на Први Мај со почеток во 12 часот од пред зградата на ССМ во Скопје организираме протест под мотото „Работниците се државата“ на кој сите заедно, работници, синдикати, граѓани и синдикалци треба да застанеме и да покажеме единство и солидарност и да ги спречиме намерите и лошите владини политики. Првомајскиот протест организиран од најстариот и најбројниот синдикат во државата, ССМ, е единствен начин власта да го слушне гласот на сите нас, работниците  и граѓаните, затоа што сметаме дека продолжува практиката карактеристична за изминатиот период, а тоа е дека  нашите социјални партнери, работодавачите  и носителите на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот туку единствено и исклучиво работат за своите интереси, а поради таквиот однос протестите ќе продолжат со засилено темпо и по 1 Мај, потенцираат од ССМ.

Се додава дека покачувањето на функционерските плати за 78% или по 2.000 денари дневно, воведувањето на 12 часовен работен ден за голем број работници, то што не се зголемени платите на вработените во здравството и што не го склучија Општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К-15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството.

Претходна вестТалентираните средношколци ќе се претставуваат на Средноленд
Следна вестЛевица тврди: Народниот правобранител Зибери си купи џип од 40 илјади евра