Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски и вицепремиерот Артан Груби денеска имаа вербална пресметка околу изградбата на автопатските коридори во Македонија споредено со градбата на „Бехтел и Енка“ во Србија. Јаревски прво го обвини Груби дека со информацијата дека договорите на Србија и Македонија со „Бехтел и Енка“ се „исти“ станал покрај „координаторот за сомнителни тендери со отворен сомнеж за криминал во Владата односно фабрика за пари, уште и фабрика за лажни вести“.
-„Бехтел и Енка“ во Србија се одбрани со тендер, кај нас директно, без тендер со договор напишан во 4 очи. Автопатот со приближно иста должина во Србија вреди 750 милиони евра, во Македонија почетната вредност со истата „Бехтел и Енка“ вреди 1.350 милијарди евра. Километар автопат во Србија од „Бехтел и Енка“ вреди 7 милиони евра, во Македонија 20 милиони евра. Надзор во Србија е професионална фирма, надзор во Македонија е фирма за долна облека со 4 вработени, објави Јаревски на својот профил на Фејсбук.
Претходно, Груби вчера на својот фејсбук профил, по информацијата дека Србија пуштила во употреба автопат кој го гради ист конзорциум прокоментира:
-Со истиот посебен закон, со истиот договор, компанијата „Бехтел и Енка“ гради и во Србија, каде што денеска државните органи пуштија во употреба дел од автопатот. Посебен закон изгласа и Собранието, беше договорен и потпишан договор со истата фирма за изградба на коридорите 8 и 10-Д, а сега Владата плати 117 милиони евра за аванс и мобилизација. Лажните вести и блокадата на опозицијата во Собранието не можат да ја запрат градбата, само ја поскапуваат и ја пролонгираат.
На денешното тврдење на Јаревски Груби со одговор дека тоа не е вистина.
-Почитувани граѓани: Не дозволете да ве лажат: ништо не може да ја спречи изградбата, само ја прави поскапа и подолга. Блокадата на ВМРО и Левица може да ги чини граѓаните над 100 милиони евра и две години подолга изградба на автопат. ВМРО лаже, многу и безсрамно, или пак можеби едноставно не разбираат! Бехтел и Енка во Србија го градат автопатот: Без тендер, со посебен закон, со истиот договор како и нашиот, поскапо по километар отколку кај нас, со многу поскап консултант отколку кај нас. Пратениците одлучуваат дали автопатите ќе се градат побрзо и поевтино или побавно и поскапо – напиша Груби на фејсбук.