Младите, родителите и воопшто граѓаните ќе можат да пријавуваат врсничко насилство на електронски адреси што ги отвори Министерството за образование, информира денеска министерот Јетон Шаќири. Пријавите ќе може да се доставуваат на адреси: [email protected] и [email protected] на албански јазик.
-Адресите се веќе активни и по секоја пријава веднаш ќе се постапува, соопшти Шаќири.
МОН информира дека почнаа консултации за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на врсничко насилство, промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување, за работа со нивните семејства и слично.
-На моја иницијатива денеска имавме дискусија со повеќе академски професори и експерти од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, безбедносните науки, со цел да дискутираме што е тоа што можеме да го интегрираме во нашиот образовен систем, за да превенираме несакани настани како во соседна Србија. Ова е сериозен предизвик за сите нас, имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор, изјави по средбата министерот за образование Јетон Шаќири.