Љупчо Арсов со партизанско име Гоце е апсен и интерниран во Бугарија, но сепак заедно со Ченто ги потпиша историските одлуки на АСНОМ

Сведок и учесник на клучни историски настани врзани за македонскиот народ и за сите граѓани на Македонија, еден од нашите шеесетина народни херои од Втората светска војна… Сето ова доволно зборува за Љупчо Арсов, роден на денешен ден пред 113 години во Штип.

Во неговата дејност, секако, клучна е улогата која ја имал во текот на историското Право заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчињски“. Арсов, бил избран за секретар на АСНОМ и заедно со Методија Андонов – Ченто кој беше претседател на Президиумот, биле потписници на сите историски одлуки донесени на овој собир. Потписот на Арсов стои и ден денеска на историското Решение за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело на демократска Македонија, на Декларација за основните права на граѓаните, на решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик, за прогласување на Илинден – 2 август како државен празник…

По школувањето во Штип тој заминува и престојува во Загреб, во Белград, каде што се вклучува во тогашното револуционерно младинско движење. По окупацијата од страна на нацистичка Германија во 1941 година се вратил во Македонија и дејствувал во Штип, и во Битола каде работел на формирање на воен штаб, собирање на луѓе и оружје за партизански одреди сè со цел започнување на оружена борба против бугарскиот окупатор. Во јули 1942 година бил уапсен и интерниран во Бугарија. По излегувањето од затвор во март 1943 година, Арсов продолжил со својата партиско-политичка работа во Штип, а подоцна и во Скопје. До есента 1943 година бил член на Штабот на Петтата оперативна зона на НОВ и ПОМ, дејствувал на Скопска Црна Гора и Козјак, а потоа и на скопското подрачје. Како партизан во НОБ го носел псевдонимот Гоце, според македонскиот великан Гоце Делчев, како и повеќемина други борци против фашистичкиот окупатор кои за партизански имиња избирале личности од Илинденскиот период на Македонија. На крајот од војната излегол со Партизанска споменица 1941 година додека орден на Народен херој го добил во 1953 година.

По војната вршел повеќе раководни републички и сојузни функции – прво бил потпретседател и министер за финансии во Првата влада на НР Македонија. Останаа забележани и неговите заложби за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква, а на што, по првичните согласувања, почнаа да се спротивставува Српската православна црква. Во средбите коишто ги имал со претставниците на СПЦ, Арсов, како што сведочеа и сами српските владици, бил „тврд, истраен и лут преговарач“.

Претходна вестСончево со малку облаци и слаб локален дожд
Следна вестЦО на СДСМ: Поддршката за продолжување на европскиот пат треба да се искористи сега