Ковачевски треба да се сретне со опозицијата

Во Клубот на пратениците премиерот Димитар Ковачевски денеска закажа средба со лидерите на партиите од владината коалиција. Како што најавија од Владата, станува збор за редовна средба на владините партнери. Но, што се ќе биде разговарано и договарано во коалициските редови не се соопштува иако се навестува дека премиерот ќе ги информира за посетата на САД и за продолжувањето на европскиот пат. Односно, очигледно, ќе се зборува за претстојните уставни промени за кои се уште не е обезбедено парламентарно мнозинство. Меѓутоа, прашање е и дали сите во владините редови таму и натаму ќе седат откако партијата Достоинство деновиве постави ултиматум за прифаќање на нивните барања за правата на бранителите како услов за останувањето во коалицијата. Партијата ДОМ, познато е, веќе отпорано најави дека до јуни ќе чека на собранискиот дневен ред да се стави воведувањето на една изборна единица како промена во Изборниот законик. Во спротивно, и тие ќе го напуштат владиниот брод.

Меѓутоа, клучот за продолжувањето на европскиот пат е обезбедувањето на поддршката од страна на опозицијата, без која не може да се случи двотретинско изгласување на потребните уставни промени. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и натаму е категорично против менувањето на Уставот со цел во него да бидат внесени македонските Бугари. Премиерот Ковачевски синоќа изјави дека „ВМРО ДПМНЕ ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела, или во делови“. Ова, пак, веднаш отвора дилеми за најразлични сценарија за обезбедување на двотретинско мнозинство во парламентот. Тоа може многу да потсети на задуклисните договарања по кои осуммина опозициски пратеници ги поддржаа уставните промени во 2019 година за прифаќање на Преспанскиот договор и промена на уставното име на државата.

По страна од ова, се чини, дека сега најмногу е потребна средбата меѓу премиерот Ковачевски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Односно, дека таа е многу попотребна отколку среќавањето на владината коалиција. Последната лидерска средба се случила во ноември минатата година но таа не беше успешна. Ковачевски тогаш побара поддршка од Мицксоски за деблокада на европскиот пат но доби само барање за вонредни избори од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Пред петнаесетина дена, пак, Мицкоски испрати барање до Ковачевски за телевизиски дуел но тоа беше одбиено со образложение дека „дебата треба да се води во институциите“…

Со ова, станува неизвесно што ќе се случува во следниот период ни дали воопшто ќе има средба во обид за некаков договор меѓу премиерот и лидерот на опозицијата. Иако двете страни се со крајно спротивставени позиции, средбата може да помогне за да се најдат некакви основи за договор во име на интересите на Македонија. Без да се случи тоа, без средба и обид за компромис, ќе значи влез во период на неизвесност околу тоа што се ќе се случува, како сега, така и наесен.

Претходна вестУапсени двајца кавадарчани, едниот му подавал хероин на другиот во дворот
Следна вестПовредени пет лица во сообраќајка на патот Штип-Кадрифаково