Осудениот Фатмир Речица, еден од членовите на Кумановската група која го изврши масакрот во Диво насеље, преку директна врска од затворот Идризово за косовската телевизија Т7, рече дека дискриминацијата што му се вршела на албанскиот народ е една од причините поради кои тие од Косово упаднале во Македонија. Тој вели дека за албанскиот народ осудените се ослободители.
– За Албанците ние сме ослободители и борци на нашиот народ. Со оглед на настаните во Македонија, дискриминацијата на албанскиот народ. Дојдовме со добра волја со идеалот за национално единство, рече Речица по повод 8-годишнината од крвавите настани во Диво насеље, пренесува „Газета Експрес“.
Тој покажа и една од фотографиите на која се гледа тој заедно со некои други соборци, некои убиени, а некои во затвор.
– На таа фотографија некои се маченици, а некои се во затвори. На косовско-македонската граница. Во село на самата граница. Не беше лесно да се мине границата, но бевме екстра внимателни на целиот пат, коментира Речица.
Запрашан дали имаат поддршка од Косово, Речица рече дека имаат поддршка, но дека ќе дојде време кога ќе се открие со имиња и презимиња кој ги поддржал и кој ги турнал да донесат одлука за заминување кон Куманово.
– За жал, во Косово не се зборува. Затоа што имавме поддршка од Косово. Имаме поддршка од добронамерници, не сме ги спомнале. Ќе дојде ден кога ќе ги споменеме по име и презиме, кој не поддржа и кој не турка, рече тој.
– Осуден сум 40 години. Ја извршив мојата должност, изјави Речица.
Апелацискиот суд во Скопје ги одби жалбите на обвинетите во предметот Диво Насеље и во целост ја потврди првостепената пресуда за случајот со терористичките напади во Куманово. Основниот кривичен суд на 2 ноември 2017 година изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите, на 13 обвинети им изрече затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица, поради немање докази, беа ослободени од обвиненијата.
Врховниот суд подоцна не дозволи повторување на постапката за предметот, а осудените најавија дека ќе се жалат пред судот за човекови права во Стразбур.
Инаку, во затворот Идризово, како и во останатите затвори не се дозволени телефони, па останува нејасно дали осудените за Диво насеље се привилегирани, па можат, веќе неколку пати по ред во живо да се вклучуваат во емисии на косовски телевизии.