Проруската партија Вазраждане ги вандализира канцелариите на ЕУ во Софија

Зградата на претставништвото на Европската комисија во Софија, во која се наоѓа и Бирото на Европскиот парламент, беше измачкана со црвена боја за време на протестот во неделата од поддржувачите на проруската партија Вазраждане, меѓу кои беа и неколку пратеници од партијата, пренесува „Еурактив“. Вазраждане е отворено проруски настроена и води кампања против воената помош за Украина и против влезот на Бугарија во еврозоната.

Демонстрациите, кои се одржаа попладнето, околу половина час го блокираа сообраќајот во центарот на Софија пред Куќата на Европа, како што е позната зградата. Активистите фрлаа црвена боја – која симболично претставува крв- во знак на протест против воената поддршка на ЕУ за Украина.

Во областа имаше зголемено полициско присуство, но не беа пријавени насилни инциденти. Шефот на Европскиот парламент Роберта Мецола го осуди вандализмот.

„Зградата во која се наоѓа Канцеларијата за врски на Европскиот парламент во Софија беше цел на вандали незадоволни од нашиот став за поддршка на Украина. Ќе ја исчистиме зградата. Нашата поддршка за Украина ќе стане посилна. Нашиот глас кој ја осудува руската инвазија само ќе стане погласен“, напиша таа на Твитер.

Нападот во Софија го осуди и бугарското Министерство за надворешни работи.

„Ваквите дејствија не се компатибилни со модерна Бугарија како и со демократските вредности што ги отелотворува нашата земја“, велат од министерството.

Вазраждане освои 13,5% од гласовите на изборите на 2 април и има 37 пратеници во 240-члениот парламент. Оваа партија се потпира на проруските чувства кај многу Бугари, вкоренети во историјата.

Бугарија е во длабока политичка криза по неколку неуспеси да формира влада. Според експертите, и сегашниот обид на поранешната еврокомесарка Марија Габриел е осуден на неуспех.

Претходна вестАнтикорупциска се сомнева во партиско влијание при вработувањето на сопругата на Костовски во МНР и бивши градоначалници на СДСМ во МВР
Следна вестДвајца мажи силувале 21-годишна девојка со здравствени проблеми