Во базиликата „Сан Клементе” во Рим денеска се одржа молебен на гробот на Св. Кирил со кој чиноначалстуваше митрополитот европски г. Пимен во сослужение со митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и отец Митко Газинковски од Македонската православна црква- Охридска архиепископија.
Денеска, како што рече г. Пимен, после една година се наоѓаме повторно на местото каде минатата година ја слушнавме радосната вест дека сме примени во соборот на православните цркви, дека се признава нашата афтокефалност.
-Како што нема од Бога избрани три јазици за проповед, така нема ни само неколку народи за елитата на православието да ја чинат, рече г.Пимен и додаде дека светоста на црквата православна ја дополнува обединетоста во различностите и ние Македонците не отстапуваме во борбата нашата Македонската православна црква да има место во единството.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ја предводи државно-црковната делегација по молебенот положи венец на гробот на Св. Кирил. На молебенот присуствуваа и пратениците Соња Мираковска од СДСМ, Дафина Стојаноска од ВМРО – ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ, генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски, директорката на Институтот за македоснки јазик, Елена Јовановска Грујовска и отец Зоран Стојанов од Католичката црква.
Во попладневните часови претседателот на Собранието Талат Џафери ќе положи цвеќе пред спомен – плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре”.