Докторот Бобан Вучевски е ослободен од вина, a eксдиректорот на болницата во Тетово, Флорин Бесими и поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми се прогласени за виновни за пожарот во тетовската модуларна болница. Ослободителната пресуда за докторот Вучевски кој беше обвинет бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането беше поздравена со громогласен аплауз.
Според него, оваа пресуда е праведна и тој вети дека сега ќе биде уште повеќе со граѓаните и пациентите.
– Ослободителна пресуда за мене. Голема благодарност за сите пријатели кои не дозволија да останам сам. Благодарност до адвокатскиот тим кој ме поддржуваше и ми даде сила да го спроведеме овој процес како што треба. Благодарност за правдата што излезе дека јас како доктор сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас, рече Бобан Вучевски.
За разлика од него Флорин Бесими и Артан Етеми обвинети за дела против општата сигурност се прогласени за виновни. Според судијата Јордан Велковски, тие предизвикале опасност за животот на пациентите и нивните роднини кои биле во болницата во критичниот момент.
Осудени се на казна затвор од 1 година и 6 месеци, но казната е условна, нема да одат затвор ако во период од три години не сторат ново кривично дело. Осудени се и да платат парична казна од 4 000 денари.
– Обвинетите, не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар и со тоа предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите болни со Ковид-19. Тие не постапиле според мерките и активностите од договорот за заем со Светска банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница па се до настанување на пожарот немале соодветни уреди за заштита од пожар, рече судијата во дел од образложението на пресудата.
Оштетените, членови на семејствата на починатите во пожарот, се упатени за оштета да покренат граѓански спор.