Меџити го разреши д-р Сашко Јовев, докторот кој ги предводеше тимовите за трансплантација на срце

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, го разреши кардиохирургот Сашко Јовев од функцијата директор на Кардиологија. Докторот Јовев вели дека бил разрешен поради каприц, односно бидејќи го испочитувал терминот на премиерот, а не на министерот.

-На 27.мај беше отворена хибридна операциона сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија која овозможува хирургија со малку компликации, брз опоравок, кратка рехабилитација и таканаречена минимално инвазивна хирургија. Сега имаме и апарат за срцева и белодробна поддршка каков што нема во регионов. Сето ова беше промовирано во јавноста во термин кој беше посочен од премиерот Димитар Ковачевски, но најверојатно не му се допадна нашата одлука на министерот Меџити кој инсистираше свеченото отворање да биде во друг термин. Поради каприц тој одлучи да ме смени, вели професорот Јовев за Фактор.

Сепак, како што посочува, решението за разрешување од директорската позиција не го примил се уште бидејќи за прв пат е на боледување.

За утре е закажана преес конференција на која ќе излезе со сите детали.

За неговото разрешување Меџити вели дека на клиниките нема да остави директори што спијат и немаат резултати.

– Нема да има директори што седат, спијат и немаат резултати. Затоа е здравството во ваква амортизирана состојба. Ова е само почеток, со мене како министер и со кабинетот нема никој повеќе да седи, ќе поднесе извештај што има сработено, истакна министерот Меџити.

Инаку Професорот Сашко Јовев, кој долги години е прв човек на Државната кардиохирургија е светски познат кардиохирург. Тој го предводеше тимот што ги изврши првите трансплантации на срце во Македонија.

Првата трансплантација на срце беше изведена на 23 мај 2020, оттогаш има изведено вкупно осум пресадувања на срце.

 

Претходна вестНов наркотик од САД пристигна во Европа: Дрогата „зомби“ ксилазин „се храни со телото“ на консументот
Следна вестСузбиена мрежа криумчари на мигранти, организаторот од Ирак, чистачи и возачи од Македонија