Клиника за кардиологија во изминативе осум години израсна во водечки регионален центар и постигна низа успеси, а моето и разрешувањето на менаџментот покажува дека успеси не се простуваат во Македонија, изјави денеска професорот д-р Сашко Јовев, кој вчера беше разрешен од директоркста функција. Во изјавата дадена пред Клиника за кардиологија, пред која беа собрани повеќе граѓани и вработени кои му дадоа целосна поддршка, тој реагира на одлуката на министерот Фатмир Меџити.
Тој првин рече дека во својата досегашна 35-годишна работа никогашн е земал боледување, дека деновиве за првпат земал боледување поради притисоци кои што ги имал.
-Имав притисоци дека сум направил грешка на еден настан, во самиот протокол за настанот при отворањето на нова хибридна сала, единствена во регионот. Се случи да тоа беа уредно поканети сите, но единствено министерот за здравство не дојде, сметајќи дека нешто подоцна е дадена поканата за него, а порано за премиерот. Јас не можев да се мешам, тоа е Влада и они решаваат меѓусебе, а јас се најдов на средина. На крајот јас испаднав жртва, но и Кардиохирургија. Даваме лоша лекција на сите млади после нас, рече Јовев.
Тој додаде дека мултиетничкиот колектив на Клиниката досега постигнал големи резултати во работата.
-Сега, за награда, дали од каприц или по некоја скреина сугестија, добиваме смена на менаџментот, односно мое разрешување. Со тоа даваме пример на младите генерации дека ако се учи и создава, ако се сака земјата и биде бескрајно пожртвуван за пациенти и се опремува клиниката, дека тоа не чини и дека треба да ја напуштиме земјата, рече тој.
Тој им порача на министерот Меџити и на Владата да ја преиспитаат својата одлука.
Овој тим е пример за вистински мултиетнички колектив. Го повикуваме уште еднаш министерот и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување, цврсто стоиме на ставот дека тимот кој победува не се менува, да ја оставиме политиката на страна и да ги оставиме професионалнците да си ја вршат работата. Успесите на оваа клиника се и државни успеси. Сакам да кажам дека на оваа клиника се работи 24/7. Една од замерките е дека некој не се откуцал со картичка оти бил расипан апаратот и сме немале време да го поправиме. Па ако колегите се откуцуваат колку што работат, нема да можеме да ги платиме, рече Јовев.
Тој рече дека е поддржан од СДСМ, но дека не е партиски кадар.
-Заменик-министерката ме поддржа, а од премиерот не сум добил известување и сметаше дека не треба да се меша во нашата работа со министерот. Самата партија и нивните структури сериозно ми дадоа поддршка и застанаа на моја страна, кажа Јовев за медиумите.