Се санираат последиците од невремето во Делчево: Поплавени 60 куќи, пропаднат асфалт, предупредувања да не се пие вода…

Над 60 објекти се поплавени по невремето проследно со град што вчера попладне околу 17 часот го зафати Делчево и околината, информира Центарот за управување со кризи. Ова беа само дел од последиците коишто ги остави силното невреме со обилни врнежи од дожд и од град. Според сознанијата, врнежите од град со големина на лешник оштетија дел од раноградинарските култури, а настрадаа и дел од овошните насади. Поплавени беа и одредени улици во градот, а на едната од нив пропаднат е и асфалтот во должина од неколку десетици метри. Оштетени се и десетици автомобили на граѓаните кои беа потопени во длабоката вода. Во тој период поголем дел од градот остана и без електрична енергија. Граѓаните добија предупредување да не ја користат водата за пиење.

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски синоќа изјави дека добиле помош од Берово, Македонска Каменица, Кавадарци и од Кочани.

-Во постојана координација сум со околните општини за да можеме што поскоро да го ставиме градот во функција. Екипи на Територијалната противпожарна единица, на Јавното комунално претпријатие и на Македонија пат се терен и работат на санирање на штетите. Врнежите, со тој интензитет со кој беа во време од час и неколку минути, нема атмосферска канализација што може да ги апсорбира, рече Трајковски.

Тој ги повика луѓето кои имаат поплавени домови да се јават на бројот 193 во Противпожарната служба, каде што се наоѓа и координативниот центар, за да знаат службите каде да интервенираат.

-Имаме улица на која во должина од околу 30-40 метри е пропаднат асфалтот. Ова е елементарна непогода, екипите се на терен и Територијалната противпожарна единица и Јавното комунално претпријатие, Македонија пат. Овде се од полциијата која го регулира сообраќајот за да можеме што побрзо да го ставиме градот во функција и да помогнеме на луѓето таму каде што се поплавени домови. Имаме исконтактирано со околните општини од кои помошта во пумпи е веќе на пат. Се е организирано, знамеме каде да ги упатиме овие пумпи,  изјави Трајковски.

Тој синоќа апелираше до граѓаните во следниот период  да не ја користат водата од водоводниот систем во градот за пиење.

-Немаме некои проблеми водоводниот систем да се меша со атмосферската или фекалната канализација, но заради безбедност на граѓаните во овие неколку часа до утре изутрина да не ја конзумираат водата од водоводниот систем на градот,   рече Трајковски.

Директорот на Јавното комунално претпријатие во Делчево Сточје Стојковски изјави дека сите вработени со сета механизација што ја имаат на располагање се на терен. И тој, како и градоначалникот апелираше до граѓаните да не ја користат водата за пиење, а информираше и за дефекти на водоснабдителниот систем.

-Се интервенираше за расчистување на наносите од песок и кал заради нормално одвивање на сообраќајот и за остранување на дефекти на водоводната и канализационата мрежа. Се работи и на дефектите на водоснабдителниот систем. Поради тоа одредени населени места ќе останат без вода за пиење. Препорачуваме во моментов водата да не се користи за пиење, рече Стојковски.

Претходна вестПретпладне сончево, попладне невреме, грмежи, град…
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски денес да си даде оставка