ВМРО-ДПМНЕ бара итно да се отвори влезот на Охрид кој е затворен поради градежни активности

Скандалозна е одлуката во очи на летната сезона да се затвори патниот правец Подмоље-Охрид, изјави денеска на прес-конференција во Собранието, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Грација Бакраческа.

Таа додаде дека  оваа срамна одлука ќе предизвика големи проблеми за локалното население, туристите и другите патници кои ќе транзитираат во овој регион и ќе има негативен ефект врз туризмот, кој што е еден од главните двигатели на овој регион.

-Затворање на главната артерија, поточно влезот на Охрид и пренасочување на патот на стариот пат кој нема капацитет да го реализира напливот на сообраќај и возила во сезоната е непромислен потег донесен од надлежните институции, без истите да размислат за последиците, како по безбедноста во сообраќајот, така и за успешноста на летната туристичка сезона на Охрид и охридскиот регион, рече Грација Бакраческа.

Таа додаде дека власта имаше 6 години за реализација и реконструкција на овој патен правец, но ништо не направи. А сега, иако Општина Охрид и СВР Охрид дадоа негативно мислење за затворање на овој патен правец, власта тврдоглаво не отстапува од својата намера, на штета на Охрид и охриѓани.

-Сега кога туризмот треба да биде во полн ек и да работи на привлекување на туристи и промоција на Македонија, власта се сети да покаже дека нешто работи. Но, дури и кога сакаат да покажат дека нешто работат, тоа не знаат да го направат исправно, рече таа.

Опозицијата ги повика надлежните институции, на чело со Владата и министерството за транспорт, веднаш да ја стопираат и променат одлуката и да овозможат нормален проток на возила барем во текот на летната туристичка сезона, а по завршување, да отпочнат со градежните активности на овој патен правец.

Претходна вестВселенската патријаршија ќе има надлежност врз македонските епархии во дијаспората?
Следна вестИлон Маск вработи 14-годишно дете како софтверски инженер