Огромни штети од поплавите во Србија, евакуирани 200 луѓе

Над 200 луѓе се евакуирани, а вонредна состојба е на сила во 52 града и општини во Србија, откако обилните врнежи предизвикаа поплави, одрони и лизгање на земјиштето, уништени мостови, делови од патишта и оштетена комунална инфраструктура и сето тоа за помалку од 48 часа.

Најкритична е состојбата денеска на подрачјето на Краљево каде покрај десетици поплавени куќи, во близина на градот Адране, однесена е и половина од мостот на Ибарската магистрала што води кон југозападниот дел на Србија.

Во Крагуевац вода навлезе во ургентниот центар на Клиничкиот болнички центар, кој беше принуден да го промени режимот на работа и да прима само пациенти со состојби опасни по живот. Бранот поплави се движи кон југ.

Според извештаите на Радио Телевизија на Србија (РТС), пожарникарско-спасувачки екипи на Одделот за вонредни состојби на Министерството за внатрешни работи интервенираат во населените места во централна и западна Србија каде се излеале реки и локални водотеци во Јагодина, Трстеник, Брус, Косјериќ и Сокобања.

Најголеми штети се нанесени на стотици куќи и станбени згради, јавни институции вклучително и болници, илјадници хектари земјиште се под вода. Поројните поплави предизвикаа големи штети на патната инфраструктура.

Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија предупреди дека денеска се очекуваат обилни врнежи од дожд на истокот и југоистокот од земјата, а можен е и висок водостој во сливовите на најмалку три реки на истокот од Србија, за што ќе бидат потребни вонредни мерки за заштита од поплави.

За утре попладне метеоролозите најавуваат ослабување и престанок на врнежите.

Претходна вестСДСМ: Зошто Мицкоски не лобирал за Резолуцијата во Бундестаг кај сестринските партии?
Следна вестПретрес во Тетово, пронајдена дрога