Градоначалникот на Струга од ДУИ, Рамиз Мерко е на црната листа на Стејт Департментот бидејќи влијаел врз судските процеси и злоупотребувал фондови, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Во партиското соопштение се наведува дека човек кој што ја води Струга и е висок партиски функционер во ДУИ е прогласен за персона нон грата на САД и дека цела фамилија на Мерко е на црната листа на САД.
-Стејт Департментот јасно потврди дека високите претставници кои се дел од владата на СДС и ДУИ се криминалци. САД нотира дека владините функционери се мешаат во судската власт и диктираат пресуди. САД нотира дека во Македонија нема независно и професионално судство, туку политичко влијание од страна на високи функционери дел од криминалната коалиција СДС и ДУИ, се потенцира во соопштението.
Во него се додава дека ВМРО-ДПМНЕ изминатите 6 години постојано реагираше на вмешаност на владата во судските процеси и партизираност и политизираност на судските органи.
-Речиси во секој извештај од Стејт Департментот се нотира корупција и криминал на владини функционери. Ова е шамар за владата на СДС и ДУИ од САД. Ова е само една од причината зошто ДУИ мора да оди во опозиција. Институциите да не молчат туку веднаш да реагираат. Потребна е одговорност, наведуваат од оваа партија.