Одлука за ново зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени донесе Народната банка на Македонија, а со што таа сега изнесува 6 отсто. На вчерашната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБ беше донесена и одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,90 проценти и 3,95 отсто, соодветно.
Ратот на каматната стапка на благајничките записи, што е основна каматна стапка, треба да го стимулира растот на каматите на кредитите и на депозитите.
-Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика што започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем. Во април, просечната каматна стапка на вкупните кредити оствари годишно зголемување од 0,78 процентни поени и изнесува 5,08 проценти. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 1,17 отсто што претставува годишен раст од 0,49 процентни поени,соопшти Народната банка.
Од НБ укажуваат дека за стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа, водечките централни банки продолжуваат со затегнување на монетарната политика, но интензитетот е поумерен.
-Општо земено, инфлациските остварувања, во комбинација со неизвесното и променливо надворешно окружување и ризиците коишто сѐ уште постојат, налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики и соодветна реакција со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се стабилизира инфлацијата на подолготрајна основа. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, соопштија од Народната банка.