Неделков: Колективниот договор за високо образование и наука е исполнет во целост

Колективниот договор за високото образование е исполнет во целост, а што е успех на СОНК и на НАкС, соопшти денеска претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија, Јаким Неделков.

Тој објасни дека со колективниот договор претходните две години имаше зголемување на платите за десет проценти во високото образование и наука.

-Последнава година, односно мајската плата на вработените во високото образование беше зголемена за приближно 18 проценти, рече Неделков, кој денеска одржа прес-конференција во врска со имплементација на Колективниот договор за високо образование и наука заедно со Независниот академски синдикат – НАкС.

Тој додаде дека сега треба да се коригираат забележаните недостатоци во спроведувањето, а кои се врзуваат за работните места, односно, за непостоечки работни места во колективниот договор, а практично ги има на терен.

-Не станува збор само за тие работни места, туку тоа што беше договарано, работа во фази на овој колективен договор останува подигнување на коефициентите по работни места, или, така како што беше договарано, распонот на работни места од најниската плата до највисокото образование да биде 1 спрема 5, рече тој, дополнувајќи дека тоа е втората фаза за која што, како што рече, ќе работат во наредниот период.

Претседателката на Независниот академски синдикат, Елена Џукеска, истакна дека пред потпишувањето на овој гранков колективен договор платите во високото образование многу долг период не само што не биле покачени, туку и буквално се раководеле по некои документи создадени во времето на СФРЈ.

– Ова е прво сеопфатно воведување на регулација на нашата дејност. Се разбира дека за две години не можеме да очекуваме да бидат сите проблеми што произлегуваат од имплементацијата, но е многу важно како почеток, рече таа.

Претходна вестУште еден Србин уапсен на Косово
Следна вестБислимоски: Eвтината тарифа ќе биде воведена, но проблем е што треба време за да се сетираат сите броила