Битолското обвинителство нема кривично да ги гони лекарите во случајот со малата Јана, граѓаните најавуваат протест

Нема кривично дело за коешто би биле обвинети лекари-педијатри од битолската болница за смртта на шестгодишната Јана Христовска од битолското село Кравари, која почина на 22 март во битолската болница. Основното јавно обвинителство од Битола констатира дека нема елементи на кривичното дело Несовесно лекување болни, за ниту еден здравствен работник инволвиран во лекувањето на детето.

Ваквата одлука е донесена по добиениот извештај од Институтот за судска медицина во кој експлицитно е наведено дека во постапувањето на сите здравствени работници кои биле вклучени во лекувањето било во согласност со сите правила и начела на медицината.

-Имајќи го предвид ваквото вештачење кое беше засновано на целокупната медицинска документација, здравствената историја на починатата и наодот од обдукција, како и исказите на испитаните здравствени работници и на родителите, обвинителството достави известување до семејството дека во конкретниот случај нема основ за натамошно јавнообвинителско постапување, стои во информацијата од ОЈО.

Овој извештај е доставен и до семејството на малата Јана. Мајката Кристина Христовска за Канал 5 изјави дека ќе барата и експерти од странство.

-Ќе одиме до крај, детето од раце ни беше земено поради лекарска грешка, а за тоа, ако треба, ќе бараме да го потврдат експерти од странство, рече таа.

Родителите сметаат дека нема логика во извештајот од судска медицина бидејќи да имала таква пневмонија кои тие навеле како причинско последична врска за настанатата смрт, во самата крвна слика што ја направиле по приемот во Клиниката ќе имала покачени вредности што укажуваат на воспаление.

Битолчани, веќе најавуваат нов организиран протест пред ОЈО Битола за утре во 19 часот, незадоволни од одлуката на Обвинителството.

Претходна вестДељадровци доби нов парк
Следна вестЛевица: Постои обид да се удави македонската историја во влажните депоа на државниот архив