Пендаровски додели пет медали, а прави ли политиката доволно за спортот?

Шефот на државата Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија во претседателскиот кабинет одликува со „Медал за заслуги за Република Северна Македонија“ петмина доајени кои оставија траен белег на спортските терени и дадоа огромен придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава. Со „Медал за заслуги“ се одликувани великаните на македонската кошарка Лазар Лечиќ (84) и постхумно Благоја Георгиевски Буштур, кој загина во сообраќајна несреќа во 2020 на 69 годишна возраст, како и одбојкарската легенда Владимир Богоевски (69), долгогодишниот селектор на македонската репрезентација во борење слободен стил Насе Насев (70) и актуелниот претседател на Македонската Таекводно федерација и селектор на националниот тим Борче Костовски.

– Иако сме мала нација како број, можеме да бидеме горди на нашите врвни спортисти, кои во индивидуалните и колективните спортови остваруваа и остваруваат врвни резултати. Потсетувам на значењето на спортот за целата заедница, и за секоја индивидуа посебно. Да спортуваме рекреативно и професионално и да градиме здрави животни стилови и навики. Посакувам врвните резултати и постигнувања на нашите спортисти и нивните тренери, да бидат поттик за сите млади да тргнат по нивните стапки и повторно да ја радуваат македонската нација, рече Пендаровски во своето обраќање.

Доделувањето на ваквите признанија, секако, дека е значаен чин со кој се оддава признание на заслужни македонски спортисти. Дел од нив постигнуваат значајни спортски резултати и покрај независни услови во коишто тренираат и се подготвуваат за тешки натпревари со ривали кои на располагање најчесто имаат подобри услови. Тоа го отвора прашањето дали оние коишто во Македонија се грижат за развојот на спортот создаваат и добри услови за македонските спортисти. Односно, дали македонските спортисти имаат доволно спортски сали, атлетски патеки, базени, терени, реквизити… и други видови на спортска инфраструктура потребна за соодветни подготовки. Тука и прашањето на обезбаедувањето на средства за тренери, консултанти, одење на подготовки, настапи на натпревари…, а што, неретко, претставува голем и непремостив проблем за нашите спортисти поради недостаток на финансиски средства. Последниве години на сила е „ваучерскито систем“ на финансирањето на спортските активности од државниот буџет. Но, и тој систем си покажа и добри но и лоши страни врзани за изборот на оние кои ќе ги добијат државните средства. Пристрасност и фаворизирање на одредели спортисти и маргинализирање на другите, се појави кои речиси редовно ја следат распределбата на „ваучерите“. Извесно е дека и на ваквиот систем му треба поправка исто како што се потребни и поголеми одвојувања од страна на државата доколку се сакаат поголеми успеси и поддршката да не биде само со доделување на почесни државни медали.

Претходна вестГаревски: Мостот „Беласица“ би можел да биде пуштен во употреба на 1-ви септември
Следна вестЛевица: Се зборува дека на Универзитетот на Мерко се штанцаат дипломи, за функционери, државни службеници и министри