Блупринт група: Изборот на нови членови во Судскиот совет и на нови обвинители со хронични слабости

Повторно се забележани хроничните системски слабости кои постојано ја поткопуваат довербата на граѓаните во две клучни тела на правосудството во државата, реагира денеска Блупринт групата за реформи во правосуството. Групата која обединува повеќе невладини организации реагира на изборот на нови членови во Судскиот совет и на нови јавни обвинители.

Се наведува дека отсуството на законски уреден цензус (минимален број на судии кои треба да гласат за изборите да се сметаат за успешни) и пропуштањето да се уреди видот на мнозинството неопходно за избор, го подриваат легитимитетот на изборниот процес на член на Судскиот совет.

-На 13 јули 2023 се одржаа избори за два члена на Судскиот совет на РСМ од редот на судиите. Резултатите од спроведените избори од листата на кандидати од Врховниот суд на РСМ ја покажаа уште еднаш вградената системска слабост во моделот за избор на членови на Судскиот совет. За кандидатот кој беше избран, гласот го дале само шест судии од вкупно 16 судии запишани во Судскиот изборен именик во овој суд. На изборите гласале 13 судии од кои мнозинството (седум) дале неважечки гласачки ливчиња. Ваквиот начин на произнесување на судиите од овој суд можеме да сметаме дека е еден вид на бојкот на изборите. Мнозинството од судиите на Врховниот суд не го поддржа кандидатот. Со ова оправдано се наметнува прашањето за легитимитетот на изборот на членот имајќи предвид дека мнозинството од судиите кои излегле на гласање не го дале својот глас за избраниот кандидат. Оваа системска слабост произлегува од Законот за Судскиот совет на РСМ. Во него ниту е предвиден задолжителен цензус кој треба да се исполни за да се сметаат изборите за успешни, ниту пак е дефинирано мнозинството кое одреден кандидат/ка треба да го исполни за да се смета за избран/а. Овие два елементи се суштествени за да се обезбеди легитимитет на избраните лица. Оттаму, сметаме дека потребна е законска интервенција во овој дел како би се овозможил легитимен процес на изборот на кандидати согласно волјата на мнозинството кои го даваат својот глас, се наведува во реакцијата.

Во однос на изборот на нови обвинители се потенцира дека тој и понатаму се врши без образложение за причините за изборот и отсуство на дискусија со што се доведува во прашање транспарентноста на процесот.

-Самите членови на Советот на јавни обвинители при гласањето не се впуштија во дискусија и образлагање зошто го даваат односно не го даваат својот глас за одреден кандидат, посебно кога има повеќе кандидати пријавени на избор. Тоа образлагање е уште повеќе потребно особено кога не избраните кандидати немаат право на приговор каков што е предвиден во постапката за избор на членови на Советот на јавни обвинители и на Основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Како позитивна ја истакнуваме практиката на членовите на Советот на јавни обвинители да гласаат за сите кандидати, односно да ја исцрпат кандидатската листа иако претходно некои кандидати ги добиле сите гласови од страна на членовите на Советот. Но, може да се констатира дека отсуствуваше дискусија од страна на членовите на Советот на јавни обвинители за секој кандидат поединечно при нивен избор односно не избор, укажуваат од Групата

Претходна вестПеро и Манда починаа на ист ден, по 50 години брак
Следна вестДизелот поскапува за два денара, бензините со иста цена