Се исполнија молитвите, се остварија стремежите: МПЦ пред 56 години прогласи автокефалност

По Божјо благоволение и Божја промисла овие денови извршив,е едно големо историско и на Бога угодно дело. По 200 години од незаконитото укинување на древната Охридска архиепископија, донесовме Одлука за автокефалност на Македонската православна црква, нејзината легитимна претставница и наследница. Со овој акт се исполнија заветните молитви, се отворија стремежите на нашиот благочестив народ да се исправи направената неправда и да му се вратат правата да има своја самостојна македонска црква во слободна македонска држава… Ова биле зборовите кои на 18 јули 1967 година ги изговори првиот македонски архиепископот Доситеј откако се случи историски чин на Третиот црковно – народен собор. Тогаш, во храмот „Пресвета Богородица-Перивлепта“ Светиот архиерејски синод (САС) на МПЦ согласно барањето на верниот народ ја донел одлуката за прогласување автокефалност на Македонската православна црква, а која била прифатена од сите соборјани.

„Македонската православна црква – наследница на обновената Охридска архиепископија – се прогласува за автокефална. На чело на автокефалната Македонската православна црква стои архиепископ со достоинство ‘архиепископ охридски и македонски’“, се првите два члена од Одлуката која означи дека по цели два века е исправена голема историска неправда и дека македонскиот народ ја доби својата црква. Ова беше крај на еден макотрпен пат на возобновувањето на Охридската архиепископија, но истовремено и почеток на чекорење на тешкиот пат на прифаќањето на прогласената автокефалност од страна на други Православни цркви. До прогласувањето на автокефалноста дојде откако Српска православна црква не остана доследна на постигнатата согласност и на ветувањето, дека ќе ја почитува самостојноста на Македонската православна црква и дека ќе ја претстави како таква пред другите помесни самостојни Православни цркви се прогласи за автокефална како што била и Охридската архиепископија. Претходно, познато е, Светиот архијерејски собор на Српската православна црква од месец јуни 1959 година донесе одлука, во која, покрај препораките за измени и дополненија во Уставот на Македонската православна црква, донесен на Вториот црковно-народен собор од 1958 година меѓу другото, е речено и следново: „Светиот архијерејски собор констатира дека епархиите Скопска, Охридско-битолска и Злетовско-струмичка на Црковно-народниот собор, одржан во Охрид од 4 до 6 октомври 1958 година, се издвоиле во самостојна Македонска православна црква, која се управува според Уставот донесен на тој Собор“. Ова всушност значи санкционирање на одлуката на Вториот македонско црковно-народен собор. Тоа се потврдува и со одредбата од споменатата одлука, каде што се вели: „Со оваа одлука престануваат да важат прописите на Уставот на Српската православна црква за епархиите и архијереите во Македонија“ и што беше еден вид канонски отпуст и отворен пат за македонска црковна автокефалност. Но, СПЦ не дозволи тој процес да заврши и по што македонскиот народ и неговите црковни достоинственици субината си ја зедоа во сопствените раце.

По донесувањето на историската одлука на 18 јули Синодот продолжил со работа. Се донеле и други значајни одлуки. Биле избрани епархиски архијереи за упразнетите епархии. Била донесена и одлука за устоличување на претстојателот на автокефалната Македонска православна црква, како и одлука епископот преспанско-битолски Климент да добие митрополитско достоинство. Со тие одлуки завршила синодската седница, па набрзо продолжила седницата на Архиепископскиот црковно-народен собор во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, каде што архиепископот охридски и македонски Доситеј на соборјаните им ја прочитал синодската предлог-одлука до Соборот за прогласување на МПЦ за автокефална. Таа била примена со неопислива радост и овации, меѓусебни честитки, прегрнувања и бакнувања, па дури и солзи радосници.

Следниот ден, на 19 јули, на светата архијерејска литургија во храмот „Пресвета Богородица Перивлепта“ бил објавен актот за прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква. По литургијата следувала интронизацијата на Архиепископот охридски и македонски Доситеј на тронот на древните охридски архиепископи. Откако ја прочитал и ја потпишал заклетвата, двајцата архијереи, митрополитот Климент и епископот Наум, го довеле на тронот. Му била предадена панагија со ликот на свети Климент Охридски и жезол како симбол на духовната власт. Потоа започнала трпеза на љубовта, со што Третиот македонски црковно-народен собор официјално завршил со работа.

Освен што била донесена историската одлука за автокефалност, за време на Третиот македонски црковно-народен собор била формирана Американско-канадско-австралиската епархија која е една од дванаесете, односно една од четирите задгранични епархии на Македонската православна црква. Прв нејзин епархиски архиереј бил митрополитот Кирил. Друг значаен факт кој се случил за време на соборот пред 55 години било возобновувањето на древната Величка епархија со седиште во Охрид. На 18 јули 1967 година, бил назначен за епархиски архиереј на Величката епархија со седиште во Охрид, викарниот Епископ велички Методиј (Попоски). Само по една година, на одржаниот Црковно народен собор на 17 октомври 1968 година, со одлука бр. 538, древната Величка епархија била преименувана во Дебарско-кичевска епархија, повторно со седиште во Охрид и со неа управувал сѐ до неговото упокојување на 25 февруари 1976 година.

Сите овие настани на Македонската православна црква кои тогаш се случиле претставувале вистински празник не само за црквата, туку и пошироко за сите граѓани на Македонија, бидејќи се неприкосновен чин на остварување на слободата на вероисповедта и на изразување на верата како фундаментално човеково право. По тоа следела и долга борба за признавање на автокефалноста на нашата црква, долга цели 55 години и која кулминира лани на 9 мај 2022 година кога Вселенска патријаршија ја призна македонската црква како канонска. Набрзо потоа, и Српска православна црква на 5 јуни минатата година на МПЦ-ОА и го додели Томосот за признвање на автокефалноста и по што сега се чека таков Томос и од Вселенската патријаршија со што ќе биде завршен долгиот пат на македонскиот народ да има своја автокефална и општоправославно признаена православна црква.

Претходна вестСончево и многу топло
Следна вестМицкоски на средба со „Вајмарската тројка“: Уставни промени во околности на политички диктат не се прифатливи