Французинка додека уживала во своето кафе со пријателката, доживеала необична несреќа, кога ја погодил метеорит, пишува „Саенс тајмс“(„Sciencetimes“). Случаите во кои метеорити удираат и повредуваат луѓе, се исклучително ретки, но меѓу нив од овој месец е и жената од североистокот на Франција. Метеоритот ја погодил во ребрата, додека таа седела на тераса. Прво слушнала звук на покривот, а потоа се случил и ударот.
– Прво слушнав необичен звук, а потоа почувствував удар во моите ребра. Мислев дека е животно, лилјак или парче цемент, рекла таа.
Сепак, се работело за мало парче карпа, кое се одбило од покривот и ја удрило жената, што за среќа резултирало само со модринки.
По несекојдневниот настан, таа го однела фрагментот кај геологот д-р Тиери Ребман, кој го анализирал и утврдил дека се работи за карпа со потекло од вселената.
Во Франција, инаку, во 21 век забележани се пет инциденти поврзани со метеорити. Според „Нешнал џиографик“ („National Geographic“), досега единствената потврдена личност во историјата која била погодена од метеорит е Ен Хоџис.
Тоа се случило во 1954 година, додека спиела во дневната соба. Црна карпа со големина на топче направило дупка во таванот од нејзиниот дом и ја удрила во ногата, а како последица исто така имала модрица.
Инаку, метеороидите се вселенски карпи со различни големини, од зрна прашина до мали астероиди. Тие можат да бидат карпести, метални или комбинација од двете, а доаѓаат од други поголеми структури, како што се астероиди, но исто така и од Месечината и другите планети.
Кога ќе влезат во атмосферата на Земјата, овие структури наречени метеори, согоруваат и се појавуваат како огнени топки или ѕвезди. Метеоритот всушност е метеороид, кој ја преживува атмосферата на Земјата.